Светот е сцена

Италијанската полиција го идентификува 50-годишниот Австриец, кој ѝ скрши три прста на статуа од 19 век, позирајќи за фотографија. Статуата на Паолина Бонапарта, чиј автор е Антонио Канова, беше оштетена на 31 јули во музејот „Гипсотека“ во северна Италија, изјави локалната агенција за спроведување на законот. Човекот, чие име сè уште не е објавено, бил фатен на надзорната камера како седнува врз основата на статуата за да направи фотографија од себе заедно со уметничкото дело, при што ѝ крши три прсти.

Оштетената статуа е оригиналниот калап од малтер од кој Канова ја изработи мермерната статуа што се наоѓа во галеријата „Боргезе“ во Рим. Канова е познат италијански скулптор што живеел во периодот од 1757 до 1822 година и бил познат по своите мермерни статуи.

Полицијата за Си-ен-ен изјави дека несмасниот турист бил во група од осум австриски туристи и се одделил само за да направи самослик со статуата. Притоа тој скршил три прсти од нејзиното десно стапало, но се вели дека „е возможно да има дополнително оштетување на основата на скулптурата што експертите од музејот сè уште треба да го утврдат“.

Виторио Сгарби, претседател на фондацијата „Антонио Канова“, изјави дека побарал од полицијата „јасност и строгост“. Тој напиша дека човекот не смее да „остане неказнет и да се врати во својата татковина. Уништувањето на Канова е неприфатливо“. Безбедносните мерки воведени како начин на справување со коронавирусот значи дека сите посетители на музејот мора да ги остават своите лични податоци за евентуално следење контакти. Човекот што ја уништи статуата беше идентификуван на тој начин. Судот во Тревизо моментално одлучува дали да поднесе обвиненија. Не е првпат да се оштети вредно уметничко дело во обид да се направи „незаборавна“ фотографија.

Во октомври 2018 година една жена оштетила две уметнички дела од Франциско Гоја и од Салвадор Дали, туркајќи ги додека се обидувала да направи самослик во галерија во Екатеринбург, Русија.