Тромбонистот Питер Мур на 12 години, во 2008 година, стана најмладиот победник на натпреварот за млади музички уметници на Би-би-си. На 18 години Мур беше назначен за соработник на главниот тромбонист на престижниот Лондонски симфониски оркестар

„Ѕвездена музика“ е насловен концертот на оркестарот на Филхармонија, кој ќе се одржи вечерва, во 20 часот. На програмата е инспиративната компилација на едно од најзначајните дела во историјата на музиката – „Прстенот“ на Рихард Вагнер, како и впечатливиот концерт за тромбон и оркестар „Старгејзер“ од Џонатан Дав. Диригент е Тимоти Редмонд, а солист Питер Мур од Велика Британија.

„Прстенот на Нибелунзите“ од Рихард Вагнер не е само најамбициозно туку и едно од најимагинативните музичко-сценски дела во историјата на музиката. Специфична карактеристика на музичкиот стил во ова дело е техниката што ја развива Вагнер преку иновативниот принцип на лајтмотиви – кратки музички фрази што отсликуваат личност, објект или идеја. Еден од поновите аранжмани е на Хенк де Флигер, перкусионист во Филхармонијата на Радио Холандија. Токму овој аранжман на „Прстенот“ ќе го чуеме на вечерашниот концерт.

Тромбонистот Питер Мур на 12 години, во 2008 година, стана најмладиот победник на натпреварот за млади музички уметници на Би-би-си. На 18 години Мур беше назначен за соработник на главниот тромбонист на престижниот Лондонски симфониски оркестар.

– Мојот стил во минатото беше да ги земам работите во мои раце и да не размислувам за далечната иднина, но кога ќе погледнам наназад, да, имав среќа да бидам дел од толку многу прекрасни музички искуства – вели Мур.

Питер Мур (1996) е роден во Ирска,- и таму го почнал музичкото образование, за да продолжи во Англија на студии за напредна програма на Кралската академија за музика. Тимоти Редмонд се усовршувал на мајсторски курсеви по диригирање со Јан Паскал Тортелије, Иља Мусин, Џорџ Хрст и Пјер Булез. Од 2006 година, Тимоти Редмонд е шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри, меѓу кои Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, оркестарот на градот Алстер, филхармониските оркестри на Би-би-си и многу други.