Од 15 до 17 ноември ќе се организира 16. ромски театарски фестивал GARAVDE MUJA – „Скриени лица“ во Детскиот театарски центар во Старата скопска чаршија. Специјален гостин на фестивалот е режисерот Рахим Бурхан од светски познатиот театар ПРАЛИПЕ, кој своето доаѓање и присуство ќе го пренесе на публиката на свеченото отворање на фестивалот. Дополнително, на театарскиот фестивал свои премиери ќе изведат театарски ансамбли од Хрватска, Македонија, Србија и од Косово.

Првата претстава ќе се одигра на 15 ноември со почеток од 18.30 часот – „Прво јаболка, а сега ружи“ по сценарио и режија на Даниел Петровски. На 17 ноември, во рамките на фестивалот, ќе се одржи и национална панел-дискусија „Развојот на ромската култура, проблеми и предизвици“, каде што панелисти ќе бидат проф. Марсел Куртијаде од Франција, Осман Балиќ од Србија, Рахим Бурхан од Германија и Севдија Абдулова од Македонија. Настанот ќе се одржи во Музејот на македонската борба со почеток од 11 часот.