Романот „Осмото светско чудо“ од Јордан Плевнеш, којшто досега е објавен на
петнаесетина јазици во светот, на 16 и 17 Ноември 2019 година, ја имаше својата
американска промоција во Вашингтон, во идание на издавчката куќа Пламен Прес.

Преводот на ова издание е на Вил Фирт. Издавачката куќа Пламен Прес е позната во
американската книжевна јавност по своите изданија на класиците на авторите од земјите од словенските култури и литератури. Американското издание се совпаѓа со
триесетгодишнината од падот на Берлинскиот ѕид, бидејќи главниот лик на романот,
македонскиот архитект Александар Симсар, го доживува својот пад од 3,3 секунди токму од Црквата на сеќавањето во Берлин, како парадигма на неговиот сон на планината Галичица да го изгради Осмото светско чудо – Лулката на светот.

Од објавувањето на романот во Париз, во издание на La Table Ronde – Gallimard, романот „Осмото светско чудо“ на Плевнеш има една возбудлива интернационална одисеја. За него пишувале водечки светски медиуми, а воедно одржани се и повеќе академски симпозиуми на Универзитетот „Сорбона“ во Париз и „Хумболд“ во Берлин.

Главниот настан во Вашингтон се одржа во Writers Center во Bethseda, а Плевнеш го
претстави својот роман и пред македонската заедница во Америка. Промотовните
активности продолжија на посебна средба во Конгресната библиотека, со Мариан Фокс, историчарка, специјализирана за ликот и делото на Томас Џеферсон, според кого библиотеката го носи името, при што повеќе примероци од разни изданија на романот беа потпишани и подарени од авторот.

Како надополнување на сето ова, овие денови се појави критиката на романот од
познататата американска литературна критичарка од „Мидвест Бук Ривју“, Дајен
Донован, која што „Осмото светско чудо“ го става во светскоит литертурен контекст. Во својата критика таа нагласува дека „стилот и нарацијата на Осмото светско чудо
синтетизира еден енергичен и комплексен глас, кој особено ќе ги воодушеви читателите кои уживаат во предизвикувачки анализи за човечката состојба“.