Промоцијата на збирката поезија „Дното се стеснува“ од Кирил Бисероски ќе се одржи вечерва, во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“. Книгата, која е во издание на „Арс либрис“, е поделена на пет тематски целини, кои содржат вкупно 88 песни.
Иако „Дното се стеснува“ е дебитантско поетско (и воопшто книжевно) остварување на филозофот Кирил Бисероски и иако една од песните е веројатно посветена на Радован Павловски, голем дел стихови во оваа книга како да немаат свои претходници или, барем, како тие да не твореле на јазикот на кој се напишани песните од оваа збирка.
Промотор на книгата ќе биде писателот Иван Шопов.