Во Младинскиот културен центар, утре, од 17.30 до 20.30 часот, ќе бидaт промовирани фестивалската антологија „Словокулт: литература“ и едицијата „Словокулт: словотека“, во издание на „Арт еквилибриум“ и „Словокулт: литератур/а Берлин“. Антологијата со дела од сите учесници (автори и ликовни уметници), како и објавената касета со дела од уметници што се занимаваат со звукот, произлегла од ланското, второ издание на биеналето за современи уметности „Словокулт: литература: Гевгелија, Скопје, Берлин“. Поезија од антологијата, но и исечоци или песни од своите колеги од Германија, Србија, Хрватска, Босна и др. ќе читаат поетите: Мануела Златкова, Владимир Лукаш, Јовица Ивановски, Александар Кирковски, Марија Грубор, Исток Улчар и Сања Михајловиќ-Костадиновска.

Ќе бидат презентирани и снимки од одржан настан во Берлин и видеа со уметнички дела од ликовни уметници. Планирано е со песни од Рајнер Марија Рилке, во превод на Елизабета Линднер Костадиновска, да биде промовирана книгата од едицијата „Словокулт: словотека“, а песни од Рилке ќе чита и Дарко Лешоски. На програмата е и презентација на дел од песните и авторите застапени во тријазична антологија на современа грчка поезија – во македонски превод од Томислав Османли. Станува збор за 20 автори што се во тесна врска со списанието и издавачката куќа „Трака“ од Лариса. На крајот од вечерта, Елизабета Линднер Костадиновска преку мултимедијален поетски перформанс ќе презентира дел од песните од нејзина збирка поезија.