Прашкото биенале на современата уметност „Метр оф арт“, чие прво издание е посветено на темите на блискоста и емпатијата, ги опфаќа делата на повеќе од 40 уметници од различни генерации од Чешка и од светот, меѓу кои се и Марина Абрамовиќ, Драгољуб Раша Тодосијевиќ и Селма Селман. Според наводите на кустосите на изложбата „Пријди поблиску“ Тереза Стејскалова и Вит Харванек, претставените дела комуницираат со емоционално и физичко искуство што е амбивалентно и комплексно. „Пријди поблиску“, говорат делата нa изложбата, но наедно укажуваат и дека таа блискост може да биде и непријатна. Изложбата потсетува на педагогијата на неудобност, фокусирана на амбивалентни емоции што играат централна улога во соочување на доминантните идеологии и општествени навики.

– „Пријди поблиску“ ги повикува сите на ангажирање во физичка и ментална блискост. Тоа може да биде реченица што возрасен човек му ја кажува на детето, може да биде еротска или пријателска покана, но може да биде и закана. Средбите може да бидат во духот на меѓусебното разбирање, но и фундаменталното неразбирање. Блискоста и емпатијата, како главни теми на изложбата, се основни човечки потреби и изрази на грижата за другиот – велат кустосите на изложбата.

Дали уметноста може да биде медијатор на искуства низ класните, родовите и културните линии? Дали е можно емоционално и сензуално да се почувствува искуството на некој друг, некој со кого немаме ништо заедничко? Можеме ли да делиме искуство, кое, во својата суштина, е целосно непознато за нас, бидејќи доаѓаме од целосно различни општествено-културолошки средини и имаме различни искуства? Тоа се некои од прашањата што ги поставува изложбата „Пријди поблиску“, укажувајќи на универзални искуства, но и на оние што се темелат на други основи.
Кустосите укажуваат дека и галериите и музеите традиционално претпочитаат одредени видови искуства, додека другите ги игнорираат. Во таа смисла сметаат дека ниту светот на уметноста и културата не е невин, туку го обликуваат социјалните услови во кои се создава.

– На тој начин светот на уметноста ги рефлектира економските, родовите и релациите на моќ, географија, национален идентитет, доминантните центри на културата (и нивните институции и идеологии), пазарите на уметноста или критериумите на мејнстрим-медиумите. Сите тие сили ја обликуваат уметноста, поради што таа мора критички да им пристапи – велат Тереза Стејскалова, ликовна критичарка што предава современа уметност на ФАМУ во Прага, и кустосот и теоретичар на уметноста Вит Харванек, продекан на Академијата за уметност во Прага.

Изложбата „Пријди поблиску“ ги истражува, користејќи алтернативни тактики, емотивноста и инклузивноста. Инспирацијата за таквиот начин на размислување доаѓа од поимот трета страна, односно од потрагата по алтернатива во светот што нуди само два погледа. Како пример, кустосите го наведоа Движењето на неврзаните за време на Студената војна, често цитираниот концепт на третиот пат, или идејата за третиот род, или магазинот „Трет текст“. Како специфичен пример за таквиот „трет глас“ во областа на уметноста, кустосите го навеле статусот на соцреализмот во Индонезија или на Филипините. Во тие земји соцреализмот се најде во позиција на забранета уметничка форма, додека апстракцијата или концептуализмот им помогнаа на авторитарните режими да се претстават како прозападни и демократски ориентирани. Таквите историски примери се во контраст со искуството на Источна Европа, која по 1989 година и падот на Берлинскиот ѕид го гледа реализмот како мртва прорежимска пропаганда, а западноевропската авангардна уметност како единствена водечка сила на универзалната историја. Наведувајќи дека духот на нашето време се раѓа во слични контрадикторности, кустосите укажуваат дека е можно да се пронајде во односите на стариот свет што се распаѓаат, во лузните што се врежани во денешното време.

Тие лузни се создаваат главно на маргините, но денес се насекаде околу нас, па дури и во средиштето, вклучувајќи ги престолнините на старите центри на западната цивилизација. Ја преземаат формата на расна дискриминација, еколошки кризи и неспособноста на општеството да се избори со бегалската криза или со пандемијата на коронавирусот. Уметничките движења што реагираат на тој феномен, меѓу другото и со враќање на реализмот на нивото на уметничкиот јазик (соцреализам, неореализам, синема верите, нов реализам, документарен реализам итн.), го прават тоа не само поради себе, туку за да понудат нови начини на поглед на светот.