Македонскиот народен театар ќе го даде својот придонес кон одбележувањето на 27 март – Светски ден на театарот со изведбата на претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман во режија на Александар Морфов.

Самиот режисер за претставата еднаш рече дека „не е претстава за самоубиството, не е пиеса за смртта, туку за еден човек кој повторно го открива животот, открива колку животот е прекрасен“. Дозволете си и вие преку театарската уметност да ја откриете убавината на животот.

-Традиционално, пред почетокот на претставата ќе бидат прочитани меѓународната и македонската порака посветени на актуелниот театарски миг, а кои ги сподели Македонскиот центар на ИТИ. Автор на меѓународната порака за Светскиот ден на театарот – 27 март е Карлос Селдран – режисер, драмски писател, театарски едукатор и професор од Куба, додека автор на македонската порака за 2019 година е Југослав Петровски – драмски писател, велат од МНТ.