Иванка Апостолова Баскар, културен антрополог

Денес има многу успешно поставени формати за меѓународни размени, гостувања, претставувања, копродуцирање, билатерални и мултилатерални соработки – навистина нема простор за никаков изговор

Иванка Апостолова Баскар, историчарка на уметност и една од реосновачите на ИТИ-Македонскиот центар на интернационалниот театарски институт, која меѓу другото работи и на Европскиот универзитет во Скопје, смета дека само со создавање квалитетни проекти и со поддршка од домашните фондови, Македонија може да допре до регионот и светот.

Вие и поетесата Елена Пренџова неодамна се најдовте на листата на 131 уметник избрани во пилот-шемата за културна мобилност на „иПортунус“, во организација на програмата „Креативна Европа“. Дали би можеле да ни кажете нешто повеќе за оваа програма и што значи тоа во однос на промоцијата на македонската култура?
– Станува збор за грантот за мобилност „иПортунус“, кој е пилот-проект на „Креативна Европа“, или поточно грант за професионален развој. Кон крајот на септември 2019 година, јас ќе престојувам две недели во Берлин и Хамбург, каде што ќе имам серија состаноци со мрежата за театар и изведувачки уметности „Пасаж23Е“ (соработници на Македонскиот ИТИ-центар), со неколку театри, неколку театарски фестивали и театарски организации од независниот сектор за натамошни заемни соработки.

Вашето богато портфолио говори за вашата верба и упорност во промоцијата на домашната култура надвор од рамките на земјава, имате и големо искуство во организирање интернационални културни размени и соработки. Кој е најдобриот и најуспешен начин Македонија да допре до регионот и светот?
– Според мене, само со создавање квалитетни и искрено мотивирани проекти (претстави, изложби, предавања, филмови…) и непречена професионална поддршка од страна на македонските владини, општински и приватни фондови за нивна беспрекорна промоција и дистрибуција во регионот, Европа и светот. Денес има многу успешно поставени формати за меѓународни размени, гостувања, претставувања, копродуцирање, билатерални и мултилатерални соработки – навистина нема простор за никаков изговор во однос на државна, колективна и лична пасивност, срам, страв, мрзеливост, негација, занемарување, потценувања…

Зад себе бележите цела деценија живот и работа во Љубљана. Дали тоа искуство ви послужи како лекција што ја применувате во вашата работа денес и што е она што ве врати во родната Македонија и ве задржува тука, без разлика на условите во кои се наоѓаат таа и нејзината култура?
– Да, јас препорачувам извесно време престој во странство, дали поради работа, студии или формирање приватен живот. На тој начин ви се отвора вистината за поинакви системски, ментални, државни, еколошки, емотивни, креативни и други реалности на одговорноста. Престојот и дејствувањето во туѓина ве учат на самостојност, ви ги прошируваат хоризонтите на перцепција, разбирање, знаење; запознавате нови луѓе со свои егзистенцијални и професионални искуства, се соочувате со нова динамика и активност, без изговори за невитална пасивност и намерен статус кво.

Како една од реосновачите на ИТИ-Македонскиот центар на интернационалниот театарски институт, бевте организаторка и на повеќе гостувања на уметници и автори од странство, како и едукативни работилници преку кои на голем број млади автори и уметници им беше дадена можност за креативна реализација и самопромоција. Колку сте задоволна од реализацијата и резултатите на овие соработки?
– Од 2013 до 2018 година работевме безбуџетно, со исклучок на инцидентен мини-грант од институтот „Гете“ – Скопје, од мрежата „Јадро“ или со мои приватни парични влогови. Во согласност, пак, со колегите членови и соработници на ИТИ-Македонскиот центар, повеќето се согласија да си ги покријат сами патните трошоци за краток професионален престој во странство, во рамките на мрежата на ИТИ-УНЕСКО и нашата соработка со другите центри, а беше организиран престој со покриено сместување и оброци за нив, како и целосен достап до програмата од која се дел. Токму поради тоа неконформистичко и консензуално разбирање и договарање нашите колеги не ги пропуштија шансите и нѐ претставија во најдобро светло преку сите размени и соработки на ИТИ-Македонскиот центар, при што самите си воспоставија директни контакти и релации за натамошни лични соработки. Благодарност до Сашо Огненовски, Кристина Пешева-Диновска, Стефан Марковски, Христина Цветаноска, Ивана Коцевска, Горјан Милошевски и други. Многу сме благодарни што од 2017 година Министерството за култура ни го покрива меѓународното членство во рамките на мрежата на ИТИ, а од 2019 година првпат нѐ поддржа со средства за годишен интердисциплинарен проект, кој е во тек.

Со кои држави досега соработувал ИТИ-Македонскиот центар на интернационалниот театарски институт и што е следно на неговата програма?
– Досега соработуваме со Германија, Италија, Русија, Словенија, Хрватска, Косово, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Кина, Унгарија, Романија, САД. Во Македонија имаме соработки со „Детски театарски центар“, со театарот од Прилеп, театарот од Струмица, ЕУ-инфоцентар, Домот на градежници, Музејот на современата уметност, фестивалот „Млад отворен театар“, фестивалот „Војдан Чернодрински“, Факултетот за драмски уметности и ЕСРА од Скопје, „Кино Култура“ и многу други.
Следно е довршувањето на годишната програма „Сирота мала богата драма“ (драматично или патетично), со предавање и работилница „КонФронт драма“ на Силвија Хушар (креативен продуцент) – заедничка соработка со театарот „Антон Панов“ од Струмица и со фестивалот за камерен театар „Ристо Шишков“. Планирана е промоција на повеќе електронски и печатени театарски книги, кои се резултат на сценографската работилница под менторство на Јан Папелбаум („Модерното на сцена“/ „Сонот на куќата“), драмите што се создадоа и инсценираа за Меѓународната драмска колонија во Грожњан („Тунели“, „Кажи Вориос и влези“), рецензиите што се напишани од страна на наши еминентни професори, критичари, новинари, театарски уметници, поети и писатели за кратките драми „Сирота мала богата драма“, објавени во 2018 година и други. Ќе следува конципирање на програмата за 2020 година, како и искрена креативна инвестиција и надеж за понатамошна континуирана соработка-поддршка од страна на нашите министерства и општини.

[email protected]