Во текот на оваа недела, од 16 до 21 септември, во Тирана се одржува 14-то издание на Интернационалниот филмски фестивал на човековите права, на којшто, меѓу бројните значајни учесници од регионот и од Европа, почесен гостин е и Ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА од Скопје, Јордан Плевнеш. Овој настан е во организација на Академијата за филм и мултимедија Маруби од Тирана, со која што Универзитетот за аудиовизуелни уметности веќе има воспоставено соработка на академски план.

Во таа насока, со директорот на Академијата Маруби, Кујтим Чашку, инаку познат албански филмски режисер, сценарист и продуцент, добитник на бројни меѓународни признанија, меѓу кои и Големата повелба „Балканот – Срцето на Европа“, на овогодинешниот Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“, беше договорено да се интезивира и продлабочи оваа соработка, преку размена на искуства и развој на заеднички проект: „Млада балканска синеастичка Европа“.

Меѓу другото, на овој настан посебно внимание предизвика и презентацијата на монографијата посветена на браќата Манаки, од Роберт Јанкулоски, декан на Факултетот за филмски уметности.