Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ викендов продолжи со концерт на познатата руска пијанистка Наталија Трул, во црквата „Света Софија“. На репертоарот беа дела од Бетовен, Шопен и од Дебиси.
Наталија Трул почнува да учи пијано во родниот Санкт Петербург, за подоцна да се пресели во Москва. Таму дипломира на Московскиот конзерваториум, работејќи со педагозите И. Зак, М. Воскресенски и Т. Кравченко. Нејзината интернационална кариера почнува со победата на Меѓународниот натпревар во Белград во 1983-та, но најголемиот успех доаѓа во 1986-та, кога го освојува сребрениот медал на натпреварот „Чајковски“.

Во 1993 година добива гран при на натпреварот во Монте Карло, на кој може да учествуваат само победници на меѓународни натпревари.
Трул настапува со значајни оркестри од целиот свет: Лондонскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Лос Анџелес, Јапонскиот филхармониски оркестар, оркестрите во Монте Карло и во Дизелдорф, како и со сите големи руски оркестри под диригентските палки на светски познати и реномирани диригенти. Редовна професорка е на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и често е членка на жири на меѓународни натпревари за пијано.