Се бараат хероини на секојдневието, жени борци за еднаквост и женски права, за заедничкото и заедницата. Наградите ќе бидат презентирани еднаш годишно, секој март, во четирите партнерски држави: Словенија, Хрватска, Македонија и Ирска

Македонската авторка Лидија Димковска (1971, Скопје), поетеса, романсиерка и преведувачка, е меѓу номинираните за наградите „WoW“, кои ги доделува организацијата „Тиииит! Инк.“. Тие бараат хероини на секојдневието, жени борци за еднаквост и женски права, за заедничкото и заедницата. Наградите ќе бидат презентирани еднаш годишно, секој март, во четирите партнерски држави: Словенија, Хрватска, Македонија и Ирска.

– Бараме хероини, жени борци за еднаквост, рамноправност и праведност! Историјата е напишана од луѓе на позиција на моќ, за да се задржат актуелните социјални односи на експлоатација. Фактот што речиси воопшто не се споменуваат жени во историјата, или пак се споменати само оние што го поддржувале одржувањето на социјалното статус кво, не е случајност туку претставува примарен метод за одржување на постојната состојба на нееднаквост – велат организаторите.

Можеа да се номинираат само жени од сегашноста (жени, транс и интерсекс-луѓе), кои постојано придонесувале со позитивно влијание во борбата за родова еднаквост и социјална правда во Македонија. Можеа да се номинираат сите (активистки, чистачки, земјоделки, докторки, учителки, научнички, социјални работнички, адвокатки, професорки, уметници или некои други) доколку го менуваат нашето општество кон подобро. Предлозите беа прегледани од страна на жири, а петте номинации ќе бидат објавени на настан што ќе се одржи во почетокот на март.
Проектот „Вомен он вомен“, кој ги презентира наградите, е поддржан од програмата на „Креативна Европа“ на Европската комисија.

Инаку, Лидија Димковска објавила шест поетски збирки, три романи, еден американски дневник и една збирка кратки раскази преведени на повеќе од дваесет јазици. Американското списание „Американ поетри ривју“ ѝ ја посвети насловната страница, како и специјален додаток со нејзината поезија, што е реткост во однос на неамериканските автори.

– Таа е парадигма за современата, нова македонска книжевност, која открива поинакви книжевно-теориски коридори, суштествено еманципаторски наративи со висока полисемантичка вертикала. Таа, со изборот на темите и со својата раскажувачка методологија, создава наративи и слики што длабоко се закотвени во политичката и општествената ентропија и поразувачка актуелност, но не на банален експлицитен начин, туку на лирски, суптилен, фрагилен начин, низ кој, со постапката на парадоксите, се исцртуваат моќно контурите на аномалиите со кои новиот свет ја жигосува жената – се вели во номинацијата.

Лидија Димковска, освен својата исклучителна општествено ангажирана книжевност, има и посветен активистички директен ангажман во малцинските и имиграциските културни политики. Наедно, таа, и покрај тоа што не живее подолго време во Македонија, секогаш прецизно, остро и критички аргументирано реагира на сите општествени и политички случувања во земјата, со што активно и интензивно го подигнува нивото на политичката и критичката култура.