Националната опера и балет ја најавува изведбата на операта „Магбет“ на 21 февруари (петок), со почеток во 20 часот.

Драма, можеби една од најзначајните на Шекспир, што ги отвора прашањата за човековата психологија, алчност и желбата за власт кои го уништуваат здравиот разум.
Ова е оперското дело со кое Џузепе Верди воспоставува уметничка врска со Шекспировите драми, па правејќи бројни исклучоци од традиционалната италијанска опера и промена во личниот музички израз, ни ја претставува приказната за деструктивноста на човековата природа, преку главните ликови на Магбет и Леди Магбет.

Состојбата на нивниот дух која носи фатални последици и загрозува многу човечки судбини, на сцената на Националната опера и балет ќе ја донесат првенците Борис Трајанов и Весна Ѓиновска Илкова.

Диригентската палка, овој пат е во рацете на маестро Диего Гарсија Родригез од Шпанија, кој не ја крие возбудата за овој негов дебитантски настап пред македонската публика, на сцената на Националната опера и балет.

Во останатите улоги настапуваат: Александар Стефаноски, Никола Стојчески, Катерина Митева, Дејан Стоев, Диме Петров, Борко Биџовски, Марко Гапо, Димитар Кожухаров, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Национална опера и балет.

Режисер: Марко Спада ( Италија), Сценограф: Мауро Тинти (Италија), Костимограф: Раде Василев, Кореограф: Олга Панго, Концерт мајстор: Асс. хор мајстор: Ѓурѓица Дашиќ, Јасмина Ѓорѓеска, Aсс. режисер: Трајко Јордановски, Љупка Јакимовска, Инспициенти: Љупчо Полизов, Драган Костадиновиќ,, Марко Павлевски

Билетите се веќе во продажба на билетарницата на Националната опера и балет и онлајн.