Резултатите на студијата се во согласност со претходните истражувања што упатуваат на тоа дека уметноста може да влијае на долговечноста, бидејќи ги подобрува менталното здравје и социјалните контакти, а ги намалува осаменоста и седечкиот начин на живот

Кај луѓето што често посетуваат уметнички галерии и музеи, одат на театарски претстави и концерти, воочен е подолг животен век отколку кај оние што не го прават тоа, покажа истражувањето спроведено во Англија. Дури и кога се земени предвид широкиот спектар други здравствени и социјални фактори, истражувачите од лондонскиот универзитет „Колиџ“ забележале дека кај постарите луѓе од 50 години што редовно се занимаваат со некаква уметничка активност помала е веројатноста од смртен исход. Во текот на 14-годишното следење за потребите на студијата се покажало дека таквата веројатност е пониска за 31 отсто отколку кај нивните врсници што не се занимаваат со уметност.

И меѓу оние што во уметнички активности учествувале само еднаш или двапати годишно, воочена е 14 отсто помала шанса за смртен исход во текот на траењето на студијата.
– Ваквите резултати одат во прилог на претходните статистички анализи и антрополошки податоци што упатуваат на тоа дека занимавањето со уметност и посетувањето културни манифестации придонесуваат за продолжување на животниот век, особено кај луѓето во постара животна доба – изјави Дејзи Фанкорт, професорка по психобиологија и епидемиологија на Универзитетот во Лондон.

Резултатите на студијата се во согласност со претходните истражувања што упатуваат на тоа дека уметноста може да влијае на долговечноста, бидејќи ги подобрува менталното здравје и социјалните контакти, а ги намалува осаменоста и седечкиот начин на живот, пишуваат авторите на статијата објавена во списанието БМЈ.
Тие анализирале податоци на национален репрезентативен примерок од 6.710 луѓе постари од 50 години од 2002 година. Во периодот од 2004 до 2005 година на учесниците на студијата им било поставено прашањето колку посетуваат културни настани, како и низа прашања за нивните навики, образование, финансиска ситуација и социјален живот.

– Занимавањето со уметност инспирира, ја негува креативноста, влијае на социјалните контакти, ја поттикнува фантазијата и не изложува на нови сознанија и идеи – вели Џенифер Новак-Леонард од чикашкиот универзитет „Нортвестерн“, која ја истражува добросостојбата од учествувањето во културни манифестации.
Резултатите упатуваат на тоа дека консумирањето и занимавањето со уметност може да го подобрат и квантитетот а не само квалитетот на животот, смета Новак-Леонард, но додава дека студијата не дава увид во тоа на кој начин консумирањето на уметноста ја намалува смртноста.