Во просториите на Националната опера и балет вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како претставник на Владата, и амбасадорката на Јапонија во земјава, Кеико Ханеда, како претставник на Владата на Јапонија, денеска потпишаа договор за јапонски културен грант „Проект за подобрување на музички инструменти и опрема за звук и осветлување во Национална установа – Национална опера и балет“.

-Со потпишувањето на овој договор јапонската Влада ќе обезбеди средства во висина од 79.800.000 јапонски јени, односно околу 663.000 евра за набавка на музички инструменти и опрема со кои ќе се придонесе кон подобрување на условите и квалитетот на изведбите во Националната опера и балет, а со што ќе се поддржи културната промоција на Република Северна Македонија пред националната, но и пред светската публика – истакна Османи.

Тој нагласи дека ваквите проекти ја претставуваат директната поддршка од страна на Јапонија во културниот и цивилизацискиот развој на земјава.

-Потпишувањето на денешниот договор претставува одлична можност за крунисување на 25 години дипломатски односи помеѓу Република Северна Македонија и Јапонија, но и доказ за успешната и одлична пријателска соработка помеѓу двете држави – додаде Османи.

Тој изрази благодарност до јапонската Влада, до амбасадорката Ханеда и нејзиниот тим во амбасадата, како и до Јапонската агенција за меѓународна соработка за нивната континуирана посветеност во реализацијата на донациите од Јапонија, кои годинава резултираа со зголемување на развојниот буџет за нашата земја.

Јапонија сака преку оваа помош да се подобри квалитетот на изведбите во Националната опера и балет, збогатените активности да помогнат во едукацијата и градењето на капацитети кај младите во Македонија и да се подобри взаемното разбирање на заедниците преку културата.

Во својот говор Амбасадорката Ханеда го потенцираше силното пријателство помеѓу
Јапонија и Македонија и континуираната соработка на Јапонија со Македонија за поддршка на реформи.