Наградата „Гоце Делчев“, која се доделува за особено значајни остварувања од интерес за Република Македонија од областа на науката, вчера им беше доделена на годинашните лауреати. Меѓу нив е и Славчо Ковилоски со трудот „Прилеп и Прилепско во 19 век (културно-историски процеси)“. Други добитници годинава се Енис Рафет Јакупи за архитектура и Дончо Донев за медицина. Наградата се доделува секој 4 мај (денот на загинувањето на Гоце Делчев во с. Баница), на три монографски изданија, со посебна свеченост во Кристалната сала во Собранието на Република Македонија.
Наградата за монографијата „Прилеп и Прилепско во 19 век (културно-историски процеси)“ од Славчо Ковилоски, објавена во 2017 година, во издание на „Современост“ од Скопје, е особено значајна затоа што се доделува за книга посветена на еден град, во овој случај културно-историскиот развој на Прилеп во 19 век.

Според рецензентите на книгата (Силвана Сидоровска-Чуповска, Вера Стојчевска-Антиќ, Владимир Караџоски и протојереј Златко Ангелески), книгата „претставува многу корисно четиво за идните истражувачи и пошироката читателска публика“ и е „методолошки беспрекорно изработена“. Исто така, критичарите оценуваат дека со оваа монографија, Ковилоски изградил вистински споменик за Прилеп, со што заслужил да биде еден од најмладите добитници, воопшто, на престижната награда.
– Монографијата претставува прво и засега единствено македонско научно дело, посветено на еден македонски град, во кое на 528 страници е предадена целокупната културна и политичка историја за дадениот период.

Во книгата се обработени просветители и учители, црковни дејци, книжевници, музичари, уметници, театарски работници, односно сите оние што на каков било начин се вградиле во историјата на градот и на Македонија. Посебен осврт е даден на Прилепската црковно-училишна општина, како главен придвижувач и носител на потребите на прилепчани за автономија и самостојност. За потребите на монографијата, која авторот ја работеше шест години, е искористен богат архивски материјал, од кој голем дел тука се објавува првпат – оценуваат рецензентите. Авторот Славчо Ковилоски (Скопје, 1978 г.) е научен соработник во Институтот за македонска литература (одделение за 19 век), при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе од дваесетина стручни монографски изданија поврзани со македонската историја, книжевност и култура, како и на повеќе белетристички дела (проза и поезија). Бил главен и одговорен уредник на најстарото македонско списание за литература, култура и уметност „Современост“. Добитник е на неколку награди, меѓу кои: „3 Ноември“ и „Големата Мајка“ за наука, „Прозни мајстори“ за раскази и „Јован Котески“ за поезија.