Пронајдени се десетина средновековни гробови од 11 и 12 век. Ова ни потврдува дека гробницата е почитувана и во средниот век како свето место, како и во антиката откако била изградена

Завршуваат истражувањата на владетелската гробница од македонски тип сместена на локацијата Павла Чука за 2020 година, кај Старо Бонче, Прилепско, за што финансиските средства беа обезбедени од Министерство за култура, а носител на проектот е Филозофски факултет Скопје – Институт за историја на уметноста и археологија, во соработка со Заводот и музеј – Прилеп.

Раководителот на истражувањата Антонио Јакимовски од Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет посочува дека локалитетот Бонче и со овие истражувања годинава потврди дека е еден од најзначајните во земјава.
– Пронајдени се десетина средновековни гробови од 11 и 12 век. Ова ни потврдува дека гробницата е почитувана и во средниот век како свето место, како и во антиката откако била изградена. Пронајдени се и сребрени прстени, обетки, керамички садови… што датираат првично од средновековниот период, поточно од првата четвртина од 11 век. Ова се значајни наоди, кои говорат за важноста на овој предел, кој ќе продолжиме да го истражуваме и следната година – објаснува Јакимовски.

Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, кој се увери во големината и значењето на локалитетот, посочува дека сеопфатноста на истражувањата на теренот е од големо значење.
– Градот Пелагонија бил важен центар во Античка Македонија. Потребно е да се инвестира и да се подобрат инфраструктурата и пристапот до локалитетот, со што во голема мера би се збогатило македонското културно наследство и би било вистинска туристичка атракција – вели Дуев.

Според Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културното наследство, Павла Чука е исклучително значаен локалитет, на кој му е потребно посветување во континуитет.
– Потребно му е многу повеќе внимание на локалитетот од институциите и општеството во целост, како од аспект на повеќегодишно финансирање, дали од државен буџет или комбинирано со средства од меѓународни фондови, за овој локалитет да дојде до фаза на конзервација и презентација, да биде обезбеден пристап и да биде подостапен пред очите на пошироката јавност, бидејќи навистина заслужува – вели Костов.
На територија од околу 6,95 квадратни километри, на поширокиот ареал меѓу селата Бонче и Подмол, се простира областа Старо Бонче, која претставува археолошки комплекс од досега откриени над 20 археолошки локалитети различни по време и тип.

Повеќето од овие локалитети се откриени со интензивно рекогносцирање на овој простор во периодот од 2006 до 2020 година, а според карактерот, секако, заслужуваат свое место во археолошката карта на Република Македонија. Најимпозантен објект е владетелската гробница на локалитетот Павла Чука.
– Локалитетот претставувал голем тумул, под кој во раната антика била оформена гробница. Во текот на времето тумулот се развлекол и го изгубил својот првобитен облик. Максималната развлеченост на земјениот тумул изнесува околу 100 метри во дијаметар. Гробницата во археолошката наука станала позната во далечната 1936 година, кога првпат биле вршени ископувања под раководство на Никола Вулиќ од Белград. Тогаш биле откриени засводениот дромос и гробната комора. Секако, гробницата веќе била откриена и пред ископувањето, а според големиот број блокови што недостигаат може да се претпостави дека таа била користена како мајдан за камен од локалните жители на селата Подмол и Бонче.

Во рамките на почетните истражувања на археолошкиот локалитет Висока во 2005 година, од страна на професорот Виктор Лилчиќ и неговото класифицирање на градот на доминантниот планински врв како акропола, стана јасно дека на просторот на Старо Бонче во раната антика всушност се протегал долен град на единствена огромна раноантичка градска целина. Притоа на просторот на долниот град во 2006 година случајно беа откриени делови од три штита што ѝ припаѓале на личната гарда на македонскиот крал Деметриј. Сите овие податоци го иницираа во 2006 година итното почнување на проектот „Систематски археолошки истражувања на комплексот локалитети Висока и Старо Бонче“, во организација на Филозофскиот факултет од Скопје, кој ќе се одвива во континуитет до конечното откривање на карактерот, објектите и името на непознатиот град на Висока и Старо Бонче – вели археологот Јакимовски.

Во 2007 година, поттикнат од уникатноста на гробницата на локалитетот Павла Чука, Филозофскиот факултет почна кампања за таа да се доистражи и соодветно да се документира. По фасцинантното откритие на периметралниот ѕид што во форма на кружен прстен ја опколувал гробницата, на виделина излезе протогената уникатна архитектонска концепција, по што нашите археолошки истражувања преминаа во систематски… Досега на просторот на Балканот и на Мала Азија биле откриени околу 70 гробници од македонски тип. Најголемиот дел од овие гробници е лоциран во Долна Македонија, територијата што ја населувале Античките Македонци во периодот од 4 до 2 век пр. н.е.

На територијата на Република Македонија досега се откриени две гробници од македонски тип. Едната била откриена во античкиот град Лихнид, а другата е нашата гробница од Старо Бонче. Гробницата од Бонче се наоѓа на област населена со Пелагонците и таа е најсеверната гробница од македонски тип што е пронајдена досега.