Оваа награда е признание за неговата 50-годишна уметничка кариера посветена на истражување и продукција на цртежи, слики, сатирични дела на стакло, анимација. Тој изложувал интернационално и го претставувал „Остен“ на Венециското биенале. На 12-то Биенале во Фиренца, Јанкуловски ќе го изложи својот нов циклус апстрактни слики инспирирани од студиите на вода на Леонардо да Винчи, се вели во образложението за наградата

Македонскиот уметник, архитект и прв човек на галеријата и на биеналето на цртеж „Остен“, Мице Јанкуловски, е еден од петте наградени автори на Меѓународното биенале на современа уметност во Фиренца, Италија, со наградата за животно остварување „лоренцо ил мањифико“.

Меѓу наградените годинава се Франко Зафирели, роден во Фиренца, кој е награден за визуелни и перформативни уметности, светски е познат како костимограф и продуцент. Наградата за скулптура ја добива мексиканскиот скулптор Густаво Ачевес, додека турскиот млад уметник Рефик Анадол е награден за нови медиуми. Американецот Ентони Хоув, познат по своите кинетички дрвени скулптури, и Мице Јанкуловски, сликар и културен работник од Македонија, се наградени за своите животни достигнувања во уметноста и ќе бидат одликувани со специјална награда од претседателот на Фирентинското биенале.

 

– Оваа награда е признание за неговата 50-годишна уметничка кариера посветена на истражување и продукција на цртежи, слики, сатирични дела на стакло, анимација. Тој изложувал интернационално и го претставувал „Остен“ на Венециското биенале. На 12-то Биенале во Фиренца, Јанкуловски ќе го изложи својот нов циклус апстрактни слики инспирирани од студиите на вода на Леонардо да Винчи – се вели во образложението за наградата.

Годинашното 12-то издание на Биеналето во Фиренца ќе се одржи од 18 до 27 октомври.

– Особено е значајно што наградата ја добива македонски уметник поради извонредното реноме на оваа манифестација на современата уметност во лулката на ренесансата, градот на Медичи – Фиренца. Биеналето е главната изложба на современа уметност во Фиренца (Италија), кое се смета за една од најважните изложби на меѓународната продукција на современа уметност. Од самото основање, Биеналето на Фиренца е слободна, независна и иновативна платформа за современа уметност. Со текот на годините илјадници уметници од над сто земји ги изложиле своите дела на Биеналето во Фиренца, како носител на главните уметнички форми и дисциплини – велат од „Остен“.

Наградите за животно остварување „лоренцо ил мањифико“ им се доделуваат на поединци и институции што постигнале врвни достигнувања во уметноста и се издвојуваат со нивниот придонес во културата. Меѓу добитниците на наградите од претходните изданија се мегаѕвезди на современата светска уметност: Арата Исозаки, Ел Анацуи, Сауро Кавалини, Дејвид Хокни, Кристо и Жан Клод, Гилберт и Џорџ, Марина Абрамовиќ, Хозе Луис Куевас, Агата Руис де ла Прада, Аниш Капур, Марта Минуин и др.

[email protected]