Документарецот „Медена земја“ го продолжува својот успешен пат со уште неколку награди и номинации на престижни филмски манифестации. Најнова во низата признанија е наградата за најдобар документарен филм за 2019 година што ја доделува Друштвото на њујоршки филмски критичари, а свеченото врачување на наградите, како што вчера информираа од екипата на овој македонски документарен филм, ќе се одржи на гала-вечер на 7 јануари 2020, во Њујорк.

Познатиот документарец во режија на Тамара Котевска и Љубо Стефанов, пак, весникот „Њујорк тајмс“ го стави на врвот на листата на најдобри филмови во 2019 година.

„Почнат како владино спонзорирано информативно видео, овој документарец не е ништо помалку од еп, алегорија за животната средина во реалноста и, не помалку, боцкава комедија за вечниот проблем сo незгодните соседи“, стои меѓу другото во текстот на филмскиот критичар А.О. Скот.

Покрај ова, „Медена земја“ е номиниран во категоријата најдобар документарен филм за 2019 година. за претстојните награди „сателит“, кои се доделуваат од страна на Меѓународната академија на новинари, во која членови се новинари што работат за печатени, телевизиски, радио и интeрнет-медиуми во филмската и ТВ-индустрија. Неговите сниматели Фејми Даут и Самир Љума, пак, беа номинирани за наградата што ја доделува Американското здружение на кинематографи.
„Медена земја“ меѓу другото е и еден од петте филма што ќе се натпреваруваат во категоријата за најдобар документарец за наградата „спирит аворд“.

– Станува збор за награди што веќе 35 години им се доделуваат на независните и нискобуџетни филмови од целиот свет. Со оваа манифестација им се оддава признание на креативните филмски приказни и на филмските уметници што нудат различност, иновација и уникатност во визијата за филм. Врачувањето на наградите ќе се одржи во Санта Моника, Калифорнија, САД, вечерта пред оскаровската церемонија – посочија меѓу другото од екипата на овој документарен филм, годинашен македонски кандидат за наградата „оскар“.