Документарниот филм „Медена земја“ освои две награди „избор на критиката за документарци“ во САД, кои беа доделени во Њујорк. На режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов им беше доделена наградата за најдобар прв документарен филм, а на главната протагонистката во документарецот – Атиџе Муратова, ѝ беше врачена наградата за најпривлечен лик во документарец.

Наградите, кои ги доделува Американското здружение на критичарите, се сметаат за едни од најдобрите предвидувања на номинациите за „оскар“, што ќе бидат соопштени во јануари 2020.

„Медена земја“ е номиниран и за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, кои ги доделува Европската филмска академија. Нашиот филм е меѓу петте кандидати за наградата – најдобар европски документарец за 2019 година. За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3.600 члена на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември оваа година во Берлин, Германија.

„Медена земја“ е македонски кандидат за „оскар“ во категоријата најдобар странски филм. Во тек е промотивната кампања на филмот за номинации за најпрестижната филмска награда, со поддршка од Агенцијата за филм.