Како одговорија домашните и европските институции на корона-кризата, ограничувањата како потенцијал за креативноста, новата нормала и реосмислувањето на филмската индустрија, како се замислува филмскиот сектор во иднина, дали фестивалите треба да се откажат, одложат или да се изведат онлајн, беа само некои од прашањата на вебинарот насловен „Ковид-19 и филмскиот сектор во Северна Македонија“, што го организира „Филозофскиот филмски фестивал“, под водство на Ана Дишлиеска Митова.

Анита Стојческа од Агенцијата за филм откри дека Агенцијата продолжува да презема соодветни мерки како одговор на моменталната ситуација, па, така, откако на седницата на Владата беше донесе уредба со законска сила за финансиска поддршка на независните филмски работници за време на вонредна состојба, Агенцијата планира да исплати проекти, кои сѐ уште се во фаза на чекање, проекти во постпродукција, како и финансиски да им помогне на независните филмски работници и продуцентските куќи, кои би се пријавиле на повикот.

– Планираме да направиме и еден или повеќе прирачници за заштита и мерки при организација на снимање на филмските екипи во нашата земја – додава Стојческа.
Игор Иванов, претседател на Друштвото на филмските работници, ја препознава загрижувачката страна на она што се случува во рамките на филмската фела во земјата, посочувајќи на тоа дека мерките што ги презема Агенцијата за филм се „добредојдени и една светла точка во овој темен тунел во кој влезе филмскиот сектор.“
– Ние моравме да направиме тешки напори за да направиме дел од средствата на Агенцијата да бидат пренаменети за овие два месеца како еднократна поддршка за филмските работници. Но исто така треба да знаеме дека овие луѓе немаат никакви други примања, живеат од хонорари, немаат пензиско и инвалидско осигурување, затоа што статусот на филмскиот работник во земјава сѐ уште не е решен – истакна Иванов.

Во однос на филмскиот фестивал „Манаки“, тој дополни дека сѐ уште се размислува за понатамошните чекори во процесот на неговата реализација, посочувајќи на тоа дека процесите во моментов се прекинати, а местата од каде што фестивалот ја црпи својата програма, големите филмски фестивали, се откажани. Иванов исто така посочи дека, иако одржување на филмски фестивал на интернет е возможно за помали фестивали, тој апсолутно не поддржува одржување фестивали по секоја цена, порачувајќи дека средствата треба да одат онаму каде што се создава продукт, а организацијата на фестивалите доаѓа на второ место.

Бистра Георгиева, пак, говореше за флексибилноста на „Креативна Европа медија“ во однос на одредени датуми, средства и фестивали, додавајќи дека тие продолжуваат да работат онлајн, а притоа стави фокус на одредбите донесени на состанокот на министрите за култура на Европската Унија.
– „Креативна Европа“ оди по седумгодишни програми, па затоа многу повици и поддршки не претрпеа директна штета, затоа што буџетот е веќе предвиден. Меѓутоа во 2020 г. завршува таа седумгодишна програма и треба во 2021 до 2027 да се направи новата програма. И на тој состанок на министри, тие се согласија дека е возможно целата програма да претрпи различни промени.

Борбата е на земјите со низок и среден продукциски капацитет, да бидат на исто ниво со таканаречените големите играчи. Порано тоа се одвиваше преку автоматски поени, потоа тоа се укина, на штета на земјите со низок и среден капацитет, и тоа е нешто што допрва ќе треба да се решава – додава Георгиева.
Кинотеката на Македонија сѐ уште работи, укажа директорот Владимир Љ. Ангелов, истакнувајќи дека иако киното не е во функција и соработките со странки се прекинати, активностите сепак продолжуваат, како и реставрацијата на филмови. Тој дополни дека киноприкажувањето не може да се замени со интернет-платформи.
– Затоа планираме од јули да продолжиме со некоја киноприкажувачка активност.

Лани веќе направивме една проба за тоа како би изгледано киноприкажување на отворено и се покажа како доста успешна – откри Ангелов. Саша Станишиќ од „Катавеј“ и „Синесквер“ вели дека дигиталната дистрибуција и кинодистрибуцијата се дополнуваат, откривајќи дека главната цел на „Синесквер“, како платформа што го опфаќа целиот балкански регион, е да оствари што е можно повеќе соработки, како што се оние со Кинотеката и други фестивали.
– Ваков тип дистрибуција може да им помогне на одредени филмови што не се класични блокбастери да бидат видени. Во таа смисла, и во иднина, а некаде поголемите фестивали тоа веќе и го прават, ќе комбинираат – вели Станишиќ, објаснувајќи дека интернетот им овозможува видливост на филмови, кои во други ситуации не би имале можност да учествуваат на тие фестивали.

Во однос на она што се случува со програмата на МКЦ, Русе Арсов откри дека интензивно се размислува за тоа како да се отворат галериите и просториите по кризниот период.
– Многу ни е јасно дека преризично е да се преземе одговорност за сите тие луѓе и програми во затворен простор, и токму затоа работиме на изведување на што е можно повеќе настани на отворено – открива Арсов, додавајќи дека сѐ уште е рано да се размислува за тоа како ќе се организира „Синедејс“ во септември, земајќи предвид дека киното „Милениум“ е голема сала и дека со паметна организација, одржувањето на фестивалот е возможно.

Татијана Јаневска, директорката на „Скопскиот филмски фестивал“, откри дека фестивалот бил еден од првите што ги почувствувал ударите на кризата, со потрошени големи финансиски средства и платени авторски права. Но по консултација со Агенцијата за филм, фестивалот е одложен за во септември. „Македокс“, пак, се очекува да биде хибриден фестивал годинава, со почитување на мерките донесени од Владата, посочувајќи дека олеснителна околност е што тој и онака се одржува на отворено.