„Меѓу срцето и умот“ е насловен концертот на кој вечерва со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија ќе настапи исклучителниот руски виолинист Вадим Глузман, кој важи за еден од најдобрите инструменталисти на светската музичка сцена.
Вадим Глузман на 16 години се преселил во Израел, каде што учел виолина кај славниот Исак Штерн. Свири на исклучителен инструмент „страдивари“, кој некогаш му припаѓал на големиот унгарски виолинист и педагог Леополд Оер.
– Неверојатно добро е да се свири на инструмент, чиј звук го имале предвид Чајковски и Глазунов кога си создавале своите виолински концерти. Овој исклучителен инструмент на своите часови го слушале колосални виолинисти како Јаша Хајфец, Нетан Милстајн и Миша Елман. Тоа за мене е апсолутно инспиративно и посебно. Чувствувам како да се затвора историскиот круг и во исто време како да го пренесам факелот кон новите генерации, кои допрва доаѓаат – вели виолинистот Глузман, кој ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар оп. 64 од Феликс Менделсон, едно од најизведуваните дела во виолинската литература.
– Овој концерт е еден од најсовршените во виолинскиот репертоар. И хармонски и ритмички и мелодиски, нема нешто што треба да се додаде или одземе во него. Во исто време, концертот ја носи „тежината“ на традицијата, која ја создале генерации музичари пред мене. Да бидеш инспириран од традицијата, без да следиш некого, да го најдеш својот глас без да ги нарушиш интенциите на композиторите и на крајот да ја допреш суштината на делото – тоа се најважните предизвици кога пред себе имаш вакво музичко ремек-дело – изјавил тој.
На програмата, како што посочуваат од Македонската филхармонија, е и Симфонијата број 5 од Сергеј Прокофјев.

– Во оваа симфонија сакав музички да насликам среќен и слободен човек – неговата сила, добрина и чистота на душата. Не би можел да кажам дека намерно ја избрав оваа тема, таа се роди во мене и морав да ја преточам во музичка мисла – рекол Прокофјев за оваа симфонија, која е напишана во 1944 година. Диригент е Михал Нестерович (1974) од Полска, кој откако победи на Европскиот натпревар за диригирање во Шпанија во 2008 година, застана зад пултот со голем број водечки оркестри и ансамбли во Европа. Оваа концертна сезона тој го прави дебито со Минхенската филхармонија, со Симфонискиот оркестар на Хамбург, со Филхармонијата на Луксембург…, а се враќа да диригира и со симфониските оркестри на Барселона, Базел, Галиција, со Кралската филхармонија..