Екипата на „Сестри“

„Браќа Манаки“ се отвори со одличен македонски филм

Импресивниот дебитантски филм „Сестри“ на младата режисерка Дина Дума беше пријатно изненадување, дури и за пребирливата филмска публика на отворањето на годинашното 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, градот од каде што почнува балканската филмска историја. Филмот, чиј квалитет го препозна и жирито на престижниот Филмски фестивал во Карлови Вари – најголемиот фестивал во Чешка, кое му ја додели Специјалната награда, е пример за занаетски сработено и заокружено филмско дело на млад автор што може да го следат и многу поискусни филмаџии кај нас.
Оваа длабока психолошка анализа на младиот човек е жестока и мошне драматична приказна за две тинејџерки (ги играат неверојатно талентираните натуршчици Антонија Белазелкоска и Миа Жиро), чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување во ерата на социјалните медиуми. За пофалба е камерата на директорот на фотографија Наум Доксевски, кој успеал да му даде сензуална и поетична атмосфера на филмот, особено во впечатливите подводни сцени, истовремено следејќи ја жестоката драматика на приказната, во оние урбаните.
Дина Дума (1991 г.) дипломирала филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2014 година, а во 2016 година учествувала на престижната работилница за млади „Берлинале талентс“, каде што го развива и сценариото за „Сестри“. Има снимено неколку кратки филмови, а ова е нејзин прв долгометражен филм, премиерно беше прикажан во Карлови Вари, кој завчера вечерта во Битола првпат го виде и домашната публика.
Фестивалот започна со шармантното воведно обраќање на новиот директор на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Дамевски, кој подоцна повторно излезе на сцената да ги објасни и причините за неколкуте технички проблеми за време на проекцијата, како што би направил само искусен и доблесен филмаџија.

– Изминативе неколку недели сѐ околу нас инаетливо ни посочуваше дека нема да нѐ биде и дека ќе се прекине филмот што го сонуваме. Се случија многу непредвидливи нешта. Покрај двегодишниот хорор-филм наречен ковид-19, проживеавме уште неколку филмски жанрови. Имавме драма, помалку трагедија, трилер, акција и се заврши со комедија. Но и покрај сѐ, продолживме да сонуваме и тој сон сега го споделуваме со вас во реалноста. Славејќи го филмот и неговите творци, овде вечерва сакаме да испратиме порака до вас, публиката, до филмаџиите и уметниците насекаде во светот, од овде, од кај нас во светот – а таа е дека овој фестивал ќе продолжи да ја слави уметноста на светот без разлика на сите проблеми и предизвици – рече Дамевски.
Годинава добитници на специјалната камера 300 за особен придонес во филмската уметност се: Андреј Кончаловски, рускиот волшебник на филмската магија и Џослин Пук, една од најпознатите британски композитори на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика.
– За мене е голема чест и трогната сум што ја добивам оваа награда. Имав можност и привилегија да бидам запознаена со вашата земја поради тоа што мојот сопруг потекнува од Србија и навистина сметам дека вистинското наследство што го има вашата земја е едно од најнеоткриените бисери богатства на Европа. Чест ми е што сум дел од овој фестивал. Им благодарам на граѓаните на Битола за топлото добредојде и за тоа што го негуваат наследството на браќата Манаки, кое има исклучително значење – рече Пук.
Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи, му ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Северџан Бајрам.

– Голема благодарност за наградата до моите колеги и колешки, кои ме одбраа мене, натуршчик, бидејќи немам завршено Факултет за драмски уметности. Благодарност до Столе Попов, кој ме откри, и до Емир Кустурица, човекот што ми ја додели најголемата животна улога и отскочната штица во кариерата – рече Бајрам на врачувањето на признанието.
На Кристијан Бергер, австрискиот волшебник зад камерата, му беше доделена наградата „златна камера 300“ за животен опус.
– Би сакал да ја споделам мудроста што доаѓа со мојата возраст. Малку можам да го споредам фестивалот „Браќа Манаки“ со другите фестивали, таму гледам сѐ поголема комерцијализација. Тоа никогаш не сум го искусил низ годините овде. ИФФК „Браќа Манаки“ е посебно место за нашата страст, а тоа е филмот и не знам друго место што би било на второ место по ова. Не знам на што мислеле браќата Манаки во оној момент кога почнаа првпат да снимаат со својата камера и каква фасцинација имаа гледачите во тоа време, но она што ме тера сѐ уште да ја сакам својата професија до денес е моќта на сликите што се развиваат со текот на времето и нивното движење – рече Бергер.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот, Стево Пендаровски, кој е покровител на ИФФК „Браќа Манаки“, и истакна дека благодарение на фестивалот „Браќа Манаки“, Битола и Македонија се присутни на светските филмски мапи и се посакувана дестинација за кинематограферите.