Во ликовната галерија од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, вечерва од 19.30 часот ќе
биде отворена изложбата „Фрагменти“ од македонскиот скулптор Жарко Башески, кој
по подолга пауза со поставка се враќа во родниот град.

Ирма Башеска Ристовска вели дека преку ова изложување, публиката ќе има можност
да погледне неколку различни „фрагменти“ од творечкиот опус на Башески, и паралелно да погледне неколку постари и неколку сосема нови дела, во кои може да се забележи нов начин на претставување на човечката фигура. Новото што го нуди Башески се состои во поинакво, современо, концептуално доживување на фигурата во однос на негвите поранешни дела, како и користење на досега неупотребувани материјали.

– „Фрагменти“ претставува прозорец кон изминатиот период во кој Башески го менува
својот творечки пристап во зависност од тематиката, начинот на работа и употребата на материјали. Оваа изложба и овозможува на публиката да погледне сосема различни дела кои поврзуваат различни периоди од творештвото на уметникот, негови различни идеи, изработени во различни материјали, како силикон и полиестер, додека пак претстава за неговиот моментален интерес ќе понуди делото изработено во стакло – вели Ристовска.

Дел од овие дела веќе биле претходно изложувани во големи изложбени салони низ
светот, во земји како Франција, Германија, Италија, Латвија, Бугарија, Црна Гора, и други.

Жарко Башески е познат македонски скулптор со бројни изложби во земјата и во странство. Ка.М.