Вечерва, во 20 часот, во изложбениот салон на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово ќе биде отворена изложба на слики, со наслов „Порака“, од академскиот сликар Роберт Цветковски. На изложбата ќе бидат претставени дваесетина дела од неговата најнова продукција, работени во техниката масло на платно.

Роберт Цветковски дипломирал на Факултетот за ликовна умeтност во Скопје во 1989 година, во класата на Ана Темкова. Работи во гимназијата во Крива Паланка како ликовен педагог. Зад себе бележи голем број групни и самостојни изложби и перформанси, како во земјава, така и во странство.

Делата на авторот се наоѓаат во приватни колекции во САД, Кина, Јапонија, Норвешка, Швајцарија, Германија, Египет, Венецуела, Австралија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Турција и во Македонија.