На Античкиот театар, на археолошкиот локалитет и во неговиот коридор, уметникот Љубомир Милошевски реализира еднодневна ретроспектива

На археолошкиот локалитет Стоби, уметникот од Струга Љубомир Милошевски ја реализира својата еднодневна впечатлива ретроспектива „Локалитет бр. 5“, презентирајќи селективен избор од 20-годишното творештво. Го сподели деновиве стекнатото необично искуство, истакнувајќи дека амбиентот на овој локалитет е прекрасен за изложби.

– Моите изложени дела на Стоби изгледаа како и оттука да беа извадени, одлично се вклопија во амбиентот. Скулптурата на бикот беше поставена на влезот во тамошниот антички театар, а во неговиот централен дел стоеше живото теле, високо подигнато со кран. Сакав на тој начин да го возвишам животното, како животот воопшто, космосот – изјави меѓу другото деновиве познатиот уметник, скулпторот Љубомир Милошевски, говорејќи за изложбата одржана на 10 ноември.
Со неа тој го заокружи досегашното творештво презентирано во Македонија и во странство. И тој и директорот на националната установа „Стоби“, Спасе Перовски, истакнаа дека за кревањето на живото теле на планираните неколку метри била уредно известена ветеринарната служба од Велес.

На Античкиот театар и во неговиот коридор, Љубомир Милошевски претставувајќи се преку уметничката инсталација изложи и скулптури но и педесетина фотопринтови и две видеа.
– Изложените дела во коридорот и не можеа подолго време да стојат од еден ден, бидејќи во просторот има влага и се плашевме да не бидат оштетени, а задоволен сум и од посетеноста на отворањето. Дојдоа луѓе и од Струга, но и од други градови од земјава – рече Милошевски чии скулптури се изработени и од коски и од кожи.
Спасе Перовски истакна дека оваа изложба беше и најголемиот настан од таков тип на локалитетот годинава, во рамките на активностите за „Стоби жив град“, покрај неколкуте одржани работилници од различни културни области.
– Соработуваме со повеќе невладини здруженија и очекуваме отвореноста на Стоби кон јавноста и понатаму да се потврдува со различни активности – рече меѓу другото Перовски.