„Златните раце на Фре“ е насловот на концертот на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи в четврток (27 февруари), во 20 часот. Како солист ќе настапи францускиот пијанист Давид Фре, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 2 оп. 21 од Фредерик Шопен и Симфонијата бр. 2 оп. 61 од Роберт Шуман.

Критиката за него пишува дека е совршен пример за музичар што размислува. Францускиот пијанист Давид Фре е познат и по инспиративните изведби на музиката на Бах и на Булез. Постојано е активен на светската музичка сцена како солист, рецитален и камерен пијанист. Соработувал со водечки светски оркестри и диригенти, како Марин Oлсоп, Семјуел Бучков, Андреј Борејко, Даниел Гати, Пааво Јарви, Рикардо Мути, Еса-Пека Салонен…

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент, кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен ја стекнал својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам…