Презентиран буџетот за културата во 2021 година

Министерката за култура Ирена Стефоска го презентира предлог-буџетот за 2021 година на Министерството за култура, во кој и покрај сите предизвици, заштитата на културното наследство, поддршката на идеите и креативноста кај младите и ЕУ-интеграциите остануваат врвни приоритети и за следната година.
Предлог-буџетот за 2021 година за културата изнесува 3.276.430.000 денари, а средствата наменети за финансирање проекти од национален интерес во културата изнесуваат 970.100.000 денари. Во однос на буџетот за 2020 година е намален за 10.000.000 денари.
Стефоска информира дека изминативе неполни три месеци се решавале голем број предизвици, свесни дека се наоѓаме пред година што нема да биде помалку лесна од претходната.
– Затоа работиме посветено за да креираме култура, која ќе биде во релација со реалноста. А реалноста е дека – буџетот за 2020-та длабоко стапнал на „чергата“ за 2021 г. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната, од 2 причини: првата е, во мај годинава буџетот е скратен 30 отсто и втората, затоа што во јуни и јули се склучувале анекс на договори за зголемување на сумите во одредени дејности, како и прифаќање проекти по жалба што претходно биле одбиени – истакна Стефоска.

Таа истакна дека буџетот за 2021 г. е реален, приспособен на околностите и е проектиран во согласност со здравствената и економската криза предизвикана од коронавирусот. Во рамките на буџетот за култура од следната година се отвора нова програма „Културно наследство во опасност“ за која ќе бидат издвоени 12 милиони денари.
– Во поглед на остварувањето на приоритетите во заштитата, Курбиново е на врвот. Како приоритет се наметнува и заштитата на црквата во Матејче, проблем што е актуелен веќе дваесет години. Тука е и конзервацијата на Лешочкиот манастир. Лично отидов во Градскиот конзерваторски центар за да видам до каде е проектот за конзервација на акведуктот. Имам добра вест – идејниот проект за конзервација на акведуктот е завршен, а основниот проект ќе биде готов за две недели – рече Стефоска и додаде дека започнува и санацијата на куќата на Лазар Личеноски, како и санациите на неколку спомен-куќи низ државава, како и на Центарот за култура во некогашната куќа на Нијази-бег.

Што се однесува до средствата за капитални проекти, планирани се средства за продолжување на изградбата на Турскиот театар во Скопје, за реализација на втората фаза на Театарот и библиотеката во Тетово, а со средствата во 2021 година би требало да се заврши и Театарот во Струмица.