Министерот за култура Хусни Исмаили синоќа во Струга се обрати на отворањето на 58. издание на светски реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“, која се одржува од 21 до 26 август. Министерот Исмаили во своето обраќање им пожела на присутните срдечно добредојде во родниот град на убавиот поетски збор.

– Дозволете ми да ви посакам добредојде во родниот град на убавиот поетски збор, каде што музите повеќе од половина век даваат инспирација и танцуваат со поетите од целиот свет. Да се зборува за поезијата е навистина тешка задача затоа што претставува обид преку пишаниот збор да го величиш зборот – истакна министерот за култура Исмаили. Тој во своето обраќање ја цитираше познатата изрека на Пастернак: „Лошиот човек не може да стане голем поет“, по што изрази благодарност што вечерта е во друштво со добри луѓе и големи поети.

На отворањето на манифестацијата, на која присуствуваа многубројни претставници на општествениот и на културниот живот, меѓу кои и директорот на манифестацијата Тодорче Тасевски, како и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, беше прочитана и поетската порака на истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој, по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј, во рамките на Програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет. Во насока на подигнување на јазичната комуникација како дел од заложбите за унапредување на квалитетот на манифестацијата, нејзиниот меѓународен углед и значење,од оваа година дел од содржините, како и главните читања, вклучуваат употреба на повеќе јазици, односно освен македонскиот и англискиот, се користат и албанскиот и францускиот јазик.

Во рамките на Програмата на годинашното издание на „Струшките вечери на поезијата“ се предвидени повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации. Годинашна добитничка на „Златниот венец“ е романската поетеса Ана Бландијана, а добитничка на наградата „Мостови на Струга“ е Моника Херцег. Што се однесува на годинашниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, жири-комисијата, во согласност со постојниот Правилник, од пристигнатите наслови го направи изборот од пет книги и автори што ќе бидат претставени на манифестацијата и од кои ќе биде прогласен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ на прес-конференција во рамките на Програмата на манифестацијата.