Вчеравечер со концерт во живо во Кинотеката на С. Македонија на македонската пијанистка со богата интернационална кариера, Ема Попивода, беше спуштена завесата на првиот македонски фестивал во дигитален формат – ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ. На концертот којшто беше организиран во соработка со Град Скопје Ема Попивода се претстави со оригиналниот музички перформанс „Acoustic Electronics“ во којшто некои од најпознатите електронски хитови (од Kraftwerk, New Order, Bronsky Beat, Derrick May, Orbital, DЈ Rolando, Fatima Yamaha, Prodigy…) се обработени и изведени на пијано.

ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ, како пролетен дел од 10. ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ (ФФФ) под мотото ИДЕИ, СВЕТОВИ се организираа како солидарна културна акција во соработка со Кинотеката на С. Македонија и македонската VоD платформа Cinesquare, со институционална поддршка на Град Скопје и со несебична помош од пријателите на Фестивалот.

Во целина, Фестивалот успешно го маркира изнудениот пролетен фестивалски вакуум со квалитетна филмска програма, но и со мноштво придружни фестивалски настани.
Во саботата, тричленото жири (Стефан Палитов, Станислав Лигужињски и Стефан Видиков), ги објави добитниците на годинешните награди во Официјалната селекција за краткометражни филмови. Наградата „Златен був“ и за првпат на Фестивалот, како дел од солидарната културна акција, симболична парична награда му припадна на режисерот Шејди Сроу (Shady Srour) со израелско/германско/палестинската копродукција ОСЛО. За филмот жирито ќе рече: „ОСЛО е трпeлива повеќеслојна медитација за егзистенцијализмот, направена со маестрално владење на режисерската техника. Му дозволува на гледачот да рефлектира за она што е хуманo, истражувајќи ја човековата состојба…“

Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“, коешто, исто така, за првпат е востановено годинава, а во чест на починатиот професор, филмофил, „мајстор на аматерскиот филм“, му припадна на германскиот филм РОЗЕВО ВЕТУВАЊЕ (Pinky Promise) од режисерката Софи Линенбаум (Sophie Linnenbaum). Жирито заклучи: „РОЗЕВО ВЕТУВАЊЕ ја пресвртува летаргијата на високата класа со игрива деконструкција на тиранијата на социјалните договори. Дискурзивно соочувајќи се со основите на политичкото, филмот се движи вешто помеѓу комичната нота и неопходната рефлексија за личната и колективната одговорност…“ Со победниците вчера можевме да го проследиме заедничкото интервју коешто го модерира истакнатиот писател и сценарист, д-р Александар Прокопиев. Да потстетиме дека во селекцијата на краткометражни филмови, избрана од селекторот д-р Дејан Здравков, беа 20 филмови од 17 различни земји.

На Фестивалот ревијално беа прикажани уште 3 краткометражни филма: експерименталната луксембуршко/австриска копродукција БИТИЕ И НИШТОСТ на режисерката Бади Минк; ОБРАЗ на професорот Сидовски, на кого како соработник и дел од тимот уште од самите почетоци на Фестивалот, му е посветено 10. издание на ФФФ; и ЧЕТВРТОК од Милчо Манчевски, нашиот најуспешен современ режисер, со кого Фестивалот соработува веќе неколку години (да потстетиме минатата година Манчевски беше претседател на жирито за Официјалната селекција на долгометражни филмови) и со кого беше реализиран разговор во живо за кратките и експериментални филмови од
студентските денови, но и подоцна.

ФФФ за првпат понуди и избор на среднометражни филмови. Босанската црна комедија КОНТРАПУНКТ на режисерот и сценарист Иван Короман; потоа, францускиот документарно-анимиран филм за светски познатиот мислител и хуманист, Морен: ЕДГАР МОРЕН, МИСЛИТЕЛ ВО ПАРИЗ на јапонската режисерка Момоко Сето; и, конечно, поетскиот документарен филм СЛИКА НА ЖИВОТНО од финскиот режисер и фотограф Перту Сакса, со кого во петокот младиот македонски режисер Стефан Палитов имаше Q&A во живо.

Филмската програма се заокружи со сегментот ФФФ Docs во кој публиката можеше да проследи три исклучителни долгометражни остварувања: АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ: ФИЛМСКА МОЛИТВА, филм од синот на рускиот режисер посветен на славниот татко, со којшто всушност се отвори пролетното онлајн издание на Фестивалот; ЕДЕН ДРАМАТИЧЕН ФИЛМ од Ерик Бодлер, филм за трансформативната моќ на филмот; и филмот за „таткото на коцептуализмот“ и една од клучните фигури на уметноста во 20-от век, Дишан: МАРСЕЛ ДИШАН, УМЕТНОСТА НА ВОЗМОЖНОТО од Метју Тејлор. За сите овие филмови публиката преку социјалните мрежи на Фестивалот можеше да проследи инструктивни видео-записи од д-р Атанас Чупоски, д-р Бошко Караџов и професорот Кирил Трајчев.

Од дополнителната фестивалска програма, треба да се истакне и вебинарот: „ТОЧКИ НА ГЛЕДАЊЕ: КОВИД-19 И СОСТОЈБИТЕ ВО ФИЛМСКИОТ СЕКТОР ВО С. МАКЕДОНИЈА“, којшто се одржа на 27 мај со учество на десетина панелисти од сите сегменти на филмската индустрија и во чија пригода за првпат јавно се отворија низа горливи прашања за состојбата на филмскиот сектор во кризата и перспективите за излегување од неа. Модератор на дискусијата, како и на интервјуто со режисерот Милчо Манчевски, беше програмскиот директор на ФФФ, Ана Дишлиеска-Митова. Видео-записот од Вебинарот, како и од сите други настани на Фестивалот, можат да се најдат на фестивалскиот YouTube канал: Philosophical Film Festival.

Конечно, почнувајќи од почетокот на Фестивалот, на веб-страницата на Фестивалот, електронски е достапен првиот темат „Филозофија и филм“ на националното филозофско списание „Филозофска трибина“, дел од издавачката дејност на Филозофското друштво на Македонија (ФДМ) и ФФФ, односно 21. број на списанието (пролет 2017), пионерски труд во земјата од оваа област во којшто се поместени девет (9) авторски текстови кои истражуваат на полето на филозофијата и филмот и нивната плодотворна синергија.

Со концертот во Кинотеката на С. Македонија ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ завршија во локацијата каде што организаторот за наесен (во периодот 30 октомври – 8 ноември) го најави почетокот и одвивањето на кинотечниот дел од 10. ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ. Во него ќе биде сместен остатокот од програмата: Официјалната селекција на долгометражни филмови, Ревијалната програма „Филм-философија“, Меѓународната конференција „Филозофија и филм“, Едукативната програма и ФФФ Караванот), во кои се предвидени и потврдени бројни филмски остварувања и повеќе домашни и странски гости и учесници.