Овој понеделник, со почеток во 21 часот, на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје, пијанистката Дуња Иванова ќе одржи солистички концерт со музиката на исклучителниот германски композитор Макс Рихтер и делата на македонската авангардна композиторка Ана Пандевска.

На програмата се композициите за соло-пијано на Рихтер меѓу кои: „Andras“, „The Family“, „Departure“, „Infra 3“ напишани во минималистички манир, како и музиката за пијано и лента на Пандевска како: „Landscape atmosphere“, „Life in a box“ и „Квази бурлеска“.

Концертот претставува дел од Годишната програма на Министерството за култура за 2020 година, а се реализира со поддршка на Младинскиот културен центар – Скопје. Публиката ќе биде во ограничен број, следењето на концертот ќе се одвива на предвидена дистанца и со заштитна опрема во согласност со протоколите одредени од Министерството за здравство.