Претставата „Демократија!“ од рускиот поет, нобеловец и добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, Јосиф Бродски, во режија на Кирил Петрески, премиерно е одиграна на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Ова е македонска праизведба на неговото единствено драмско дело, пишувано во бурната 1989 година, во времето на уривањето на Берлинскиот ѕид, обединувањето на Германија, распаѓањето на Варшавскиот пакт и почетокот на распадот на Советскиот Сојуз.

– Иако драмата ја пишува во емиграција во САД, каде што заминува прогонет од советскиот комунистички режим во 1971 година, Јосиф Бродски со хируршка прецизност ги опишува состојбите во Источна Европа. Но, исто така, благодарение на неговото визионерство, со кое се надарени најдобрите, ова негово драмско дело допира до нашето време со истата свежина и актуелност како да е пишувано вчера – вели Петрески.

„Демократија“ е политичка гротеска за една измислена земја, за едни измислени ликови, но реални проблеми што се совпаѓаат со проблемите на повеќето земји од Источна Европа или Западен Балкан.

– Ретко се случува да се соочам со ваков предизвик, особено во овие бурни времиња, со драмски текст во кој речиси секоја реплика има и егзистенцијално значење. А истовремено одејќи по работ да се задржат мерката и добриот вкус, да не се навлезе во дневна политика и баналност. Се надевам дека ние успеавме во тоа – додава режисерот.

Играат: Марјан Чакмакоски, Димитар Ѓеоргиевски, Ангела Наумоска, Михајло Миленкоски, Димитрина Мицкоска, како и младите Давид Папазоски и Теодора Трајческа. Сценографијата е на Зоран Николовски, автор на музиката е Марјан Неќак, а костимите се на Розе Трајчевска.