Моне, Мане, Сезан, Дега, Гоген, Сера… накратко, ремек-делата на импресионизмот и на постимпресионизмот од вредната збирка на институтот „Курто“ во Лондон тргнаа на турнеја и во наредните две години ќе го обиколат светот. Причина е реконструкцијата на зданието „Сомерсет“ во британската престолнина, каде што е сместен овој институт, насочен кон изучување на уметноста и изложување. Додека траат градежните работи, тоа е единствениот начин оваа вредна колекција да остане во допир со јавноста и да им биде достапна на посетителите, за да продолжи да го пренесува духот на времето со стремеж кај луѓето да ги разбуди најсуптилните естетски чувства и да ни ја раскаже приказната за нејзиниот основач. „Оние на кои среќата им е наклонета треба да ги користат своите пари не само за лично уживање, туку и за унапредување и благодатите на општеството“, сметал Семјуел Курто (1876-1947), британски индустријалец, кој денеска се цени првенствено како колекционер на уметнички ремек-дела од периодот на импресионизмот и постимпресионизмот. Во текот на првите децении на 20 век, тој на овој начин ја поттикнувал љубовта на Британците за француската модерна уметност, а самиот инспириран од сликарството пишувал поезија. Во подоцнежните години одлучил да донира поголем дел од својата исклучителна колекција за новиот институт за високо образование, што го носи неговото име и претставува прва институција од тој вид во Велика Британија, посветена на историјата на уметноста. Институтот е отворен во 1932 година во Лондон. Освен приватната збирка што Курто ѝ ја оставил на оваа установа, бил основан и фонд, кој благодарение на донациите набавувал вредни дела за британските музеи. Кон крајот на минатата година, кога почна реконструкцијата, дел од оваа вредна збирка најнапред виде публиката во Лондон, во Националната галерија, каде што 25 дела ќе останат во постојаната поставка, до отворањето на институтот. Потоа, оваа пролет делата на Мане, Моне, Гоген, Сезан, Реноар, Тулуз Лотрек, Писаро, Ван Гог, Модиљани… беа изложени во просториите на фондацијата „Луј Витон“ во Париз, и тоа првпат по шест децении. Уметничката турнеја на колекцијата на Курто ќе продолжи во септември кога 50 дела ќе патуваат за Јапонија. Најнапред ќе бидат претставени во музејот во Токио, а потоа и во Нагоја и во Кобе.