Уметникот Игор Јосифов во почетокот на месецов се претстави со своја изложба и изведе перформанс во Калининград, Русија, а оттаму му се отвораат и нови можности за презентација на неговото творештво пред публиката во други градови од земјата. Перформансот во Калининград го изведе во „Ворота“.

– Уметничката платформа „Ворота“ е простор на портата „Закаемски, Закхајм“, која била изградена кон крајот на 18 век како дел од бедемот на Кенигсберг. По војната, зградата била напуштена, во советско време била користена како магацин, сала за вежбање, место за дискотеки. Во 2013 година, група независни куратори, заедно со Сојузот на фотоартисти од Калининград, ја создале „Ворота“ во која, во рамките на соработката со Националниот центар за современа уметност во Калининград, беше презентиран и мојот перформанс на изложбата со наслов „Простокосмос“. Нејзини куратори се Андреј Епишин од Москва и Александра Мигунова-Тихајнук од Калининград – рече Јосифов.

Тој вели дека е премногу задоволен од ова гостување во Русија, од пречекот и од тимот на споменатиот национален центар за современа уметност.

– Калининград е преубаво место, со интересна историја и е многу симболично за Русија. Зеленоградска исто така, со прекрасен брег, со Балтичко Море.

Русите ја почитуваат и ценат уметноста, што е многу важно и е одраз на една култура што ја негуваат. Инспириран сум да реализирам нови проекти овој период и во Москва, каде што по затворањето на изложбата во Калининград на 17 март ќе патува мојата интерактивна инсталација „Разјаснување/парчиња стакло“. Во Москва исто така ќе учествувам на изложба посветена на „Виенскиот акционизам“, организирана од Европскиот културен центар, а и ќе имам самостојна изложба до крајот на оваа година – рече македонскиот уметник чија богата творечка биографија континуирано се збогатува со нови проекти реализирани на различни места во светот.

Игор Јосифов најави дека неговото гостување во Калининград е само почеток на долгогодишна соработка со Европскиот културен центар – Русија, со руски уметници и куратори, од кои голем дел, како што вели самиот, се заинтересирани за неговата уметност.

– Но заинтересирани се и да ја посетат Македонија и бидат дел од уметничкиот центар, од резиденција во Моклиште. Многу сум задоволен од соработката – рече тој.