Документарецот „Медена земја“ освои две престижни признанија на 35-то издание на Интернационалните документарни награди, што се одржа синоќа во Лос Анџелес.

На најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм, кој е во организација на ИДА (Интернационалната документарна асоцијација), режисерот Љубо Стефанов и снимателот Фејми Даут ги примија призанието „Паре Лоренц“ и наградата за најдобра кинематографија.

Наградата „Паре Лоренц“ на ИДА се доделува за пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривање на социјални проблеми.

Македонскиот документарец беше номиниран во уште две категории: за најдобар филм и за режија.

Вчеравечер во Берлин, Германија, пак, се одржа и свеченото доделување на „Европските филмски награди“, кои ги организира Европската филмска академија. „Медена земја“ беше номиниран во категоријата за најдобар европски документарец за 2019 година.

Во меѓувреме нашиот документарец доби уште неколку номинации и признанија на престижни интернационални филмски фестивали.

„Медена земја“ е македонски кандидат за „Оскар“ за најдобар интернационален филм. Номинациите за „Оскар“ ќе бидат соопштени на 13 јануари следната година.