Годинава ќе се спроведуваат анализи што можат да ја измерат староста на примероци од пештерата кај селото Здуње дури до 2 милиони години пр. н.е.

Катерина Богоева


По пауза од две години, повторно се истражува палеолитскиот локалитет Голема Пешт кај селото Здуње. Тим од стручни лица од Македонија, Хрватска, Унгарија и САД, до 15 јули ќе работи на собирање седименти од познатата пештера, кои за потребната хемиска анализа ќе бидат пренесени во пет различни светски лаборатории во Америка, Италија, Хрватска, Германија и во Унгарија.
„Специјалистички анализи за апсолутно датирање и исцртување на четири геолошки профили на палеолитскиот локалитет Голема Пешт кај селото Здуње, Порече, општина Македонски Брод“ е насловот на овој проект, кој е финансиран од Министерството за култура за 2018 година и е одобрен од Управата за заштита на културнотo наследство. Со него раководи Љиљана Шаламанов-Коробар, археолог, кустос-советник за старо камено време, а во тимот се вклучени археолози од Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје.

– Во рамките на истражувањата се предвидени повеќе анализи за датирање на овој археолошки локалитет – вели Коробар, напоменувајќи дека со оглед на тоа што во Македонија нема лаборатории во кои се вршат таков вид хемиски методи, од исклучително значење е да се спроведат анализите за добивање егзактни податоци за староста на локалитетот.
Методот ЕСР (електроспин-резонанца) ќе го спроведува Бони Блеквел, директор на Научноистражувачкиот институт при колеџот „Вилијамс“ во Масачусетс, САД, а анализите ќе бидат спроведени во американската хемиска лабораторија „Томсон“. Марјан Темовски од Истражувачкиот центар за животна средина и изотопска климатологија од Унгарија ќе работи на спроведување на методот ураниум-ториум. Предвидениот геоархеолошки микропресек и исцртувањето на четири археогеолошки профили ќе биде спроведен од Катарина Геромета од Центарот за интердисциплинарни археолошки истражувања на пејзажот, професорка на Филозофскиот факултет на универзитетот „Јурја Добил“ од Пула, Хрватска, и во геолошката лабораторија во Пломбино, Италија. Четвртиот метод, наречен ОСЛ (оптичка стимулирана луминисценција), пак, ќе го спроведува целиот стручен тим, а добиените примероци ќе му бидат испратени на истражувачот Тобиас Лауер од институтот „Макс Планк“ во Лајпциг, Германија.
Раководителката на истражувањата, Љиљана Шаламанов-Коробар, истакна дека добиените примероци при истражувањата, кои немаат комерцијална вредност, ќе бидат тестирани, ќе бидат уништени со анализата и нема да се вратат во Македонија. Примероците од седименти не претставуваат културно наследство и служат во научни цели. Целта на овие анализи исклучиво се научни истражувања и потреби заради датирања, односно одредување на староста на археолошкиот локалитет Голема Пешт. По извршените анализи, резултатите ќе бидат употребени за понатамошни археолошки истражувања и публикации.

Мустериенски шилец

Досегашни истражувања на пештерата

Истражувањата во пештерата Голема Пешт се вршени во текот на 1999, 2003/2004, 2008, 2011/2012/2013 и 2016 година. Локалитетот се наоѓа на 65 км југозападно од Скопје, односно 3,5 км од селото Здуње, на 460 м надморска височина, над езерото Козјак, некогашниот кањон на реката Треска. Досега се поставени различни по димензии сонди и регистрирани се 22 геолошки слоја. Откриени се илјадници камени ракотворби (орудија и оружје) и многубројна фауна, во која доминираат животински остатоци од елени. Типолошките и технолошките белези врз материјалните наоди укажуваат на постоење на среден палеолит. Во 2005 година од радиокарбонска анализа, која беше извршена во лабораторијата на Институтот за физика на универзитетот „Ерланген“, во Нирнберг, Германија, се добиени два резултата од два примерока на јаглен од огништа, но тој метод не може да мери поголеми датуми од 50.000 години пр. н.е. Од тие причини, оваа година ќе се спроведат анализи што можат да ја измерат староста дури до 2 милиони години пр. н.е.