Најгледаниот филм во Македонија, „Врба“ на Милчо Манчевски, ја продолжува фестивалската турнеја со прикажување на уште четири познати европски и светски фестивали, ФЕСТ во Белград, „Синеквест“ во САД, „Фантаспорто“ во Португалија и во Софија.

На претстојниот 48. меѓународен филмски фестивал ФЕСТ во Белград (од 28 февруари до 8 март), „Врба“ е во главната натпреварувачка програма, со првата проекција на 2 март, и уште две, на 3 и 4 март. Потоа филмот патува на 40-от меѓународен филмски фестивал „Фантаспорто“, во Порто, Португалија, (од 28 февруари до 8 март), еден од 20-те водечки во светот, каде што филмот ќе биде прикажан на 6 март во програмата „Недела на режисери“.

Во март, „Врба“ ќе ја има и американската премиера, во натпреварувачката програма на „Синеквест“, еден од најстарите и најреномирани фестивали во САД (од 3 до 15 март) во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија. Исто така во март, „Врба“ ќе биде прикажан и на 24-от Интернационален филмски фестивал во Софија, еден од најголемите во регионот (од 12 до 22 март).