Македонскиот кандидат за Оскар за 2021 „Врба“ на Милчо Манчевски ќе игра во кината, на ТВ и на стриминг-платформите низ САД, во дистрибуција на „Кино Лорбер“, еден од најреномираните дистрибутери на уметнички филмови во САД.

„Врба“ пред американската публика ќе се прикажува во текот на 2021 и ќе продолжи во 2022 и 2023.

Сопственикот на Кино Лорбер, Ричард Лорбер, го нарече „Врба“ „моќно и најоригинално дело на маестро Манчевски, достојно за награди – трогателен, брилијантно одглумен и визуелно фрапантен поглед врз мајчинството.

– Не можеме да дочекаме да го споделиме ова длабоко дело со американската публика – рече тој.

„Кино Лорбер“ постои од 1977 година, а во големата библиотека од над 4.000 нивни филмови се цела низа стари и нови добитници на Оскар и номинирани филмови и филмови на големи автори, како „Жртва“ на Тарковски, „Странецот“ на Орсон Велс, „Книга слика“ на Жан-Лик Годар, „Враќање дома“ на Хол Ешби, „Софи Шол“, „Збогум на оружјето“, „Ѕвездата е родена“, „Песјак“ на Лантимос, „Томасо“ на Абел Ферара со Вилем Дафо, „Суд“ на Тамхане, „Причината зошто скокам“, „Капитал во 21 век“ – документарец со Пикети, Фукујама и Стиглиц, документарни филмови за Јозеф Бојс, Роберт Френк, Кјубрик, Гери Виногранд, Џозеф Камбел, Грејс Џонс, итн. Во последните девет години имаат добиено дури седум номинации за Оскар.

 

Во текот на 2021 се предвидени кинопремиери на „Врба“ и во Србија, Белгија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Албанија, Црна Гора и Велика Британија.

За една година од светската премиера на Римскиот филмски фестивал, „Врба“ се прикажа на над 20 фестивали на четири континенти.