Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес од 15 до 18 декември ќе гостува во Загреб на покана на Советот на македонското национално малцинство на тој град, а во програмска соработка со културниот центар „Травно“. Актери од театарот на 17 декември на сцената на културниот центар „Травно“ со почеток во 18.30 часот ќе ја изведат претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски, а влезот ќе биде слободен.

„Синиот портокал“ е драма за современата психијатрија, за застарените методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат своите пациенти без седативи. Во време на глобализација кога сакаме да ги надминеме табуата за разликата во бојата на кожата, националноста и културните наследства кои ги носиме во себе, оваа претстава топло ја брани неправдата која ја нанесуваме некогаш преку негативна, а некогаш преку позитивна дискриминација.

Драматург на претставата е Катерина Момева, сценографијата е на Филип Коруновски, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерите Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.

„Синиот портокал“ е една од најизведуваните претстави на Велешкиот театар со над 40 изведби на репертоарот на театарот. Таа била изведена на повеќе театарски фестивали.