Освојувачот на првото место, Огнен Бојковски

Во организација на Истражувачкото друштво на студенти биолози-ИДСБ и во соработка со Институтот за комуникациски студии, со почеток во 19 часот, синоќа во  мултимедијалниот клуб „Кафе и филм Котур“ се одржа био-фотоизложбата насловена „Урбани безрбетници“. 

На изложбата беа претставени 130 фотографии на кои е прикажана биолошката разновидност во урбаните средини. На конкурсот беа прогласени најдобрите три фотографии, кои беа избрани од комисијата составена од професори по биологија и од фотографи, како и преку гласањето на Фејсбук. Најдобрата фотографија и првото место го освои Огнен Бојковски, второ место освои Антица Стојанова, а третото место му припадна на Милош Велковиќ.

– Овогодинешниот фотоконкурс го организиравме во склоп на кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ и имавме голема поддршка од Институтот за комуникациски студии, а исто така имавме и поддршка од Македонското еколошко друштво. Овој конкурс годинава е деветти по ред, темата на конкурсот беше „Урбани безрбетници“, и се пријавија најмногу учесници за разлика од претходните години, точно 250 фотографии. За жал, некои од нив ги одбивме бидејќе не ги исполнуваа критериумите на нашиот фотоконкурс. Ви благодарам на сите за присуството и учеството – изјавиј Сара Крстевска, член на ИДСБ. 

Изложбата беше организирана како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од британската амбасада во Скопје. В.Т.