Ретроспектива на Глигор Стефанов наскоро во МСУ

Сламата и другите природни материјали (памук, сено, прачки од винова лоза) што ги користам се физички масивни, тешки материјали и на прв поглед несфатливо е да се поврзуваат со некоја форма. Целосно ист однос имаме и кон човекот ако го набљудуваме исклучиво од физичко-биолошко-хемиски аспект, тогаш е невозможно да ја согледаме неговата духовна исполнетост, вели уметникот

По повеќе од три децении, ликовниот уметник Глигор Стефанов се враќа на македонската ликовна сцена со ретроспективната изложба насловена „Грабење на просторот“. Изложбата, која го отвора „Скопското културно лето“, ќе биде отворена на 19 јуни во Музејот на современата уметност во Скопје, а претставува критичка и историска валоризација на еден од најзначајните уметници во македонската уметност на крајот на 20 век.

Изложбата ги вклучува неговите зачувани или обновени објекти-летала, како и реконструкцијата на неговото капитално дело, големата триптих-инсталација „Просторен цртеж“, изведена во галеријата на Домот на младите (МКЦ), Студентскиот центар во Загреб и Студентскиот културен центар во Белград 1983/1984 година. Во МСУ интензивно се работи на поставување на изложбата во трите салони на првиот кат од зградата.

На изложбата ќе бидат претставени 50 фотографии од инсталации што сега не постојат, десет инсталации и една голема со наслов „Просторно гнездо“, долга околу сто метри, која ги обединува сите други инсталации. Предвидена е и ретроспективна презентација на сите негови циклуси: Низи, Линеарна интервенција, Летала, Ангели и Гнезда во периодот од 1981 до 2019 година.

– Во првиот период од мојот творечки живот, пред да заминам во Англија, претходните искуства немаа никакво директно влијание на моето творештво. Никогаш не одбрав некоја тема и не зедов каква било инспирација од источното или парапсихолошкото. Ако и на кој било начин има алузија за некакво влијание, тоа е апсолутно несвесно и може само да биде видливо во извесен духовен немир. Станувајќи христијанин, не само што започнав лично да се менувам, туку тоа значеше и радикална промена на многу мои творечки ставови и размислувања – вели уметникот.
Воведувањето теми како ангели или просторни (вселенски) гнезда било директно поврзано со неговото осознавање на христијанското сфаќање на животот и создавањето на светот.

– Бев и сѐ уште сум воодушевен од повисоките ангелски чинови: серафими, херувими и престоли. Најмногу се интересирав и истражував за серафимите, еврејски збор што значи пламен, односно се мисли на пламената, божјата светлина и енергија. Честопати се инспирирав од визиите на пророците Исаја 6:2-3 и Језекиил 1:5-20. Иако овие теми навидум се поприфатливи за други медиуми како видео или филм, јас токму во нив наидов на отворен прозорец кон она кон што се стремам, она што го живеам – додава Стефанов.

Глигор Стефанов (1956 г., Кавадарци) дипломирал и магистрирал на Академијата за ликовна уметност во Белград на отсекот вајарство. Од 1988 г. живее и работи во Лондон, Англија, а во 1995 г. се преселува во Виндзор, Канада, каде што и денес живее и работи. Остварува учество во околу 120 изложби од кои 18 самостојни, низ цела поранешна Југославија, како и во Австрија, Чешка, Словачка, Франција, Германија, Грција. Во 1993 г. заедно со Петар Николов ја претставува Македонија на 45-то Венециско биенале. Се потврдува како еден од најзначајните македонски уметници, чиј алтернативен однос кон скулптурата остави белези врз домашната ликовна сцена во последните четириесетина години.

За него сламата како материјал има неверојатна енергија и светлина. Таа како жито расте од земјата, срасната е со неа, составен дел на земјата, па логично е нешто да се прави на земјата. Вистинската преобразба за него се случува кога мртвото зрно повторно се враќа во земјата за да започне нов живот. Ова аналогно на човечкиот живот – умира и оди во земја за да почне нов духовен живот. Токму овој однос помеѓу земното и небесното го интересира и за него тука започнува дијалогот помеѓу видливото и невидливото, меѓу материјалното и духовното.

– Сламата и другите природни материјали (памук, сено, прачки од винова лоза) што ги користам се физички масивни, тешки материјали и на прв поглед несфатливо е да се поврзуваат со некоја форма. Целосно ист однос имаме и кон човекот ако го набљудуваме исклучиво од физичко-биолошко-хемиски аспект, тогаш е невозможно да ја согледаме неговата духовна исполнетост. Затоа земајќи ја сламата како материјал за основно изразно средство се трудам да ѝ дадам втор живот. Тоа го правам на повеќе начини. Најпрво со самото одвојување од подот (земјата), потоа со „извлекување“ на нејзината енергија (највидлива во ритамот на редењето на сламата), па со оформување издолжени цилиндрични форми што го активираат просторот или создаваат структури (гнезда), со правење крилести облици (летала, ангели) како и со поставување просторни белези (гнезда) – вели Стефанов.

Меѓутоа, смета тој, познанието на ангелскиот и духовниот свет не му е дадено на човекот да го осознае само интелектуално, туку пред сѐ опитно и духовно.
– Односно на човештвото воопшто многу малку му е откриено и тоа исклучиво преку духовно созреани и возвишени личности. Така што јас како духовно недозреан се држам резервирано во однос на овие теми за под изговор на креативност да не залутам во недолични мечтаења. Сепак, никој не ми ја ограничува креативноста, но јас се трудам да се движам во дадените рамки при што го користам искуството од зографската креативна слобода – објаснува Стефанов.