По тридневна работа, заврши осмата сесија на Младинската керамичка работилница во селото Вранештица, Кичевско. На работилницата учествуваа ученици од двете средни училишта од Кичево – ОСУ „Мирко Милески“ и ОСУ „Дрита“, а за првпат не беа присутни ученици од ДСУУД „Лазар Личеноски“ од Скопје. Менторите на учениците, професорите од двете кичевски училишта, Мирослав Крстески и Валдета Ибиши, се задоволни од креативноста и одговорниот однос на учениците на работилницата.
– Учениците во овие три дена имаа време од минимум половина час да седнат на грнчарското колце и да совладаат дел од тајните за изработка на керамички производи. Учениците што и претходната година беа дел од оваа работилница, со уште поголема леснотија создаваа изработки од глина и, практично, во целост проникнаа во тајните на грнчарството – вели Крстески.
Тој дополни дека секој од 14 ученици имал обврска да создаде две-три изработки што ќе бидат дел од изложбата што ќе биде организирана во Кичево и во други градови во земјава. На учесниците на работилницата им беше дозволено по една изработка да земат со себе како спомен. Во текот на работењето на учениците, професорот Јован Наумоски, поранешен ментор на учесниците на оваа работилница, собираше видеоматеријал од кој ќе го изработи вториот документарен филм. Со првиот документарен филм тој ја освои третата награда на фестивалот „Манаки“ во Битола. З.А.