Фото: Фејсбук/СФФ

Екатерина Лазаревска
Александра Лашкова

Сараевскиот филмски фестивал (СФФ) годинава ќе го има своето 28-мо издание, а во конкуренција за наградите „Срцето на Сараево“ ќе се натпреваруваат вкупно 51 филм. За одбележување е дека во четири натпреварувачки селекции – играни, документарни, кратки и студентски филмови – 21 филм ќе забележат светска премиера. Фестивалот годинава ќе се одржи од 12 до 19 август.

Сега веќе со завидна традиција, слободно може да се каже дека фестивалот служи како заедничка платформа за филмскиот бизнис во целиот регион, поставувајќи високи стандарди во организацијата на фестивалот, промоцијата и презентацијата на филмовите во Југоисточна Европа.

Сараевскиот филмски фестивал се роди како иницијатива на „Арт центарот – Обала” кон крајот на четиригодишната опсада на Сараево во 1995 година. И покрај длабоките општествени трауми од војната, огромна беше желбата за што поскоро враќање во нормален живот и обнова на граѓанското општество, и секако, да се врати космополитскиот дух на градот Сараево.

Две децении подоцна, Сараевскиот филмски фестивал прерасна во меѓународен филмски фестивал со посебен фокус на регионот на Југоисточна Европа (Албанија, Ерменија, Австрија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Грузија, Унгарија, Косово, Македонија, Малта, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Турција, Украина). На тој начин филмовите, актерите, филм-мејкерите, талентите и идните проекти од регионот на ЈИЕ, доаѓаат во центарот на вниманието на меѓународната филмска јавност.