Поради метеоролошките најави за неповолни временски услови и за врнежи од дожд,
Театарска претстава „Балкан Бордело“ од Јетон Незирај, во режија на Бљерта Незирај ќе биде дел од драмскиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“ вечерва од 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Иако беше предвидено претставата да се одржи во Предворјето на црквата „Св. Софија“ од 22 часот, сепак, поради најавите за неповолни метеоролошки услови и за врнежи од дожд, „Балкан Бордело“ ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.

– Жалиме за временските неприлики, а воедно упатуваме извинување до публиката за
настанатата промена со која денешната претстава која е трансатлантски театарски проект помеѓу САД, Косово и Србија, се префрла во Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид со почеток од 21 часот – велат од дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“.

Театарската претстава „Балкан Бордело“ од Јетон Незирај, а во режија на Блерта Незирај е трансатлантски театарски проект помеѓу САД, Косово и Србија, во соработка со Центар Мултимедија – Приштина, Театар Ателје 212 – Белград и Мој Балкан – Белград/Њујорк.

„Балкан Бордело“ е сага за едно балканско семејство и се темели на Есхиловата трилогија „Орестија“. Претставата покрај црниот хумор го обработува и балканскиот темперамент, ја следи морбидноста на човечката душа и ја осветлува глупоста и наивноста на еден период изграден на насилство, нетолеранција и омраза. Ликовите од претставата се препуштаат на судбината и речиси несвесно паѓаат во стапицата на незадоволството и уништувањето. Улогите ги играат Светозар Цветковиќ, Марија Вицковиќ, Џорџ Дренс, Јуџин Д Пуџин, Валоа Микенс, Мати Барбер-Бокелман, Иван Михаиловиќ, Мет Насер, Верона Коџа, Адриан Морина. Костомографијата е на Габриел Бери, сценографијата ја изработи Марија Калабиќ, а кореограф на претставата е Ѓерѓ Превази.