Во Н.У. Театар за деца и младинци – Скопје, денеска од 19 часот ќе биде изведена куклено-визуелната претстава „Во детската соба“, во рамките на програмата на фестивалот „Скопско лето“.

Претставата е авторски проект на режисерката Милена Миланова од Бугарија, а истата раскажува приказна за четворица чудни специјалисти вработени во компанијата „Крени-носи”. Тие ја имаат способноста да раскажуваат спомени, скриени во кутии. Нивното мото е „Крени-носи, секогаш подготвени да помогнеме”. Тие имаат задача да ги пренесат кутиите од детската соба на едно мало дете-Саша. Кутиите не се обични, туку волшебни, магични. Во секоја од нив се крие по една приказна, еден детски спомен за пријателството.

Со помош на мачката Ѕвездана, со песни, кукли и бои, нашите храбри крено-носачи ќе ни ја раскажат приказната за детството на малиот Саша. За неговата средба со малото глувче, со големата риба, за подароците, за патувањата со родителите, за соништата, мечтите, борбите и пријателствата на малиот Саша. „Во детската соба“ е претстава за едно дете кое учи да се поврзува и да другарува со останатите.

Станува збор за куклена претстава работена по различни современи методи. Еден од нив е и методот за создавање визуелен театар и визуелна драматургија на Филип Женти и Мери Андервуд, француски режисери, кореографи, куклари со кои Миланова има соработувано во претходните години. Авторката исто така во претставата го користи и
методот на театарот на материјалот.

Во претставата играат: Ангела Димитрова, Ана Левајковиќ Бошков, Никола Наковски, Петар Стојанов, Катарина Илиевска Силјановска и Ненад Митевски.