Фото: Приватна архива

Вечерва во 19 часот во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци ќе биде отворена самостојна изложба на Анита Огњановска од Скопје, каде што пред седум години беше отворена и нејзината првата самостојна изложба. Овој пат се претставува со својот најнов циклус на ликовни дела работени во масло и акрил на платно под наслов „Внатрешен оган“.

Неодамна изјави дека е родена од страста на уметничкиот порив бидејќи слика спонтано.

-Сликам понесена од емоциите што ме носат и никогаш не знам каде ќе ме одведат. Едноставно четката ги испишува мислите, чуствата, спомените, копнежите. Тоа е мојот спонтан но всушност длабоко интимен свет. Некогаш сликам како се чуствувам, а некогаш како сакам да се чуствувам. Сликањето ме радува затоа што е непресушен извор на магија во која се будат сетилата, се надминува реалноста, се остваруваат фантазиите, се отвора патот од невозможносто до возможното. Тоа е мојот простор каде што нема никакви ограничувања. Платното е нежна обоеност на душата со сите бои на светот, апстракција на она што било, е и ќе биде тука некаде- вели Огњановска.