Младата публика ќе има можност да ги погледне најзначајните филмски остварувања создавани во најдобрите и најплодни години на најстарата продуцентска куќа „Вардар филм“. Предвидено е програмата да се одвива од мај до декември

Годинава „Вардар филм“ ќе го одбележи јубилејот 75 години постоење и дејствување како продуцентска куќа, која има реализирано над петстотини филмски дела. Опусот е разновиден и вбројува долгометражни и краткометражни играни, документарни и анимирани филмови, како и филмски журнали.

– На публиката веќе ѝ се познати делата, бидејќи станува збор за најзначајните и наградувани филмски дела од ризницата на „Вардар филм“ од периодот 1952-1997 година, кои, всушност, ја претставуваат македонската кинематографија од тој период. На наше задоволство, преку една ревијална програма ќе презентираме дел од историјата на филмот на овие простори. Младата публика ќе има можност да ги погледне најзначајните филмски остварувања создавани во најдобрите и најплодни години на најстарата продуцентска куќа „Вардар филм“. Предвидено е програмата да се одвива од мај до декември, еднаш неделно, односно секој петок, со почеток од 20 часот, во салата за проекции при НУФЦ „Вардар филм – Скопје“, со пауза за време на летните одмори т.е. нема да има проекции во јули и во август. Проекциите ќе бидат бесплатни и ќе се одвиваат со претходна резервација, со оглед на тоа дека салата е мала и има ограничен број седишта – најавуваат од „Вардар филм“.

Годинава е реновирана и салата за проекции, која не беше во функција над 20 години, а која сега може да одговори на потребите на филмската фела, како и на љубителите на седмата уметност. Денеска, со првата проекција, салата за првпат ќе биде отворена за јавноста и пуштена во употреба.
Во состав на програмата во септември ќе се реализира „Опен вик“, со цел секој граѓанин и филмски љубител да може да ја посети институцијата и одблиску да се запознае со сегашното дејствување и тековните активности, но и со нејзината богата историја. Во подготовка е и документарниот филм за јубилејот, поддржан од Агенцијата за филм, во режија на нашиот драг професор Владимир Блажевски, а во продукција на „Галактика пикчрс“, со продуцент Буњамин Куртиши и Фидуш Алиу, додека директор на фотографија е Дуле Кардале.

– Изразуваме голема благодарност до нив што ја препознаа идејата да се претстави целокупното долгогодишно дејствување на „Вардар филм“ сè до денес, кога се обновува и модернизира и ја има функцијата како сите филмски центри низ Европа и низ светот. Одбележувањето на јубилејот би се крунисало со голема манифестација кон крајот на оваа година, каде што премиерно ќе се прикаже документарниот филм, кој ќе се реализира во текот на следните месеци – најавија од установата.