Помислата да направам нешто за некого што навидум е невозможно побуди порив и пробуди идеја во мене да создадам ваква уметност, споделува уметницата Ѓоргина Спасевска

Уметницата Ѓоргина Спасевска им овозможи на лицата со оштетен вид да ја искусат ликовната уметност на едно сосема поинакво ниво. Таа направи уникатен спој на сликарството и на македонската поезија со изложбата „Допирот има меморија“, која минатата недела беше поставена во МКЦ.

На изложбата беа презентирани уметнички дела создадени без визуелни граници, со можност преку Брајовото писмо, лицата со оштетен вид да ја доживеат уметноста на поинаков, единствен и моќен начин. Со допирање на површината на платното ќе се откријат зборови, цитати од македонската поезија, кои ќе ја направат конекцијата меѓу зборот и сликата, делото и замислата.
– Помислата да направам нешто за некого што навидум е невозможно побуди порив и пробуди идеја во мене да создадам ваква уметност – истакнува таа.

Сликите се изработени во техниката акрил на платно. И како што вели таа, претставуваат моќна експресија на платното за нејзината визија од стиховите.
Дополнително, некои од делата беа покриени со тенок слој јаглен, со што со секој допир, луѓето учествуваа во континуираното создавање на уметничките дела.
– Она што и самиот наслов на изложбата „Допирот има меморија“ го кажува, допирот ќе се меморира на самите дела со тенок слој јаглен. На овој начин се создаваат дела што континуирано ќе бележат отпечаток на оној што ја допрел сликата и тоа што ги прави истите тие уникатни и единствени – споделува Ѓоргина Спасевска.

На прашањето колку уметноста кај нас им е достапна за лицата со попреченост и каква „пристапна рампа“ е потребна да им се доближи уметноста, таа вели дека има доста незавршена работа.
– Ние како општество имаме доста работа за инклузија на лицата со попреченост. Јас би рекла само дека уметноста не треба да се смета за луксуз, туку основно право на секој човек. Се надевам дека ќе бидам инспирација за да создаваме повеќе причини за инклузија во уметноста – изјавува Спасевска.

Ѓоргина Спасевска вели дека наоѓа инспирација во сѐ.
– Ме инспирираат животот, утринското кафе, светлината од сонцето што се прекршува на подот, совршеноста на човечкото тело, магнолија во пролет, дете што свири пијано, бакнеж за добра ноќ и би набројувала до бескрај… И треба повеќе да се насочиме кон тоа каква инспирација сме за своите деца. Ова е многу одговорна мисија. Ако има некој и надвор од овој круг што се инспирира од нас тогаш сме создале нешто многу поголемо. А сечија големина се мери со големината на инспирацијата што ја поттикнуваме со нашите дела. Да бидеме инспирација еден на друг, а да оставиме делата за нас да говорат – дополнува таа.

Спасевска се занимава со создавање уметност повеќе од 20 години, од кои последните неколку години и професионално. Учествувала на повеќе уметнички настани и изложби, дел е од иницијативата „Донирај уметност“ и уште многу други. Авторка е и на две самостојни изложби.