Јас го сакам македонскиот музички стил, гледам дека хармониката е многу присутна во народната музика и во многу различни стилови, вели Мирко Патарини

Мирко Патарини, претседател на Светската унија на хармоникаши

Претседателот на Светската унија на хармоникашите, г. Мирко Патарини од Италија, беше специјален гостин на саботниот концерт по повод Светскиот ден на хармониката. Тој во оваа пригода премиерно изведе дело од македонската композиторка Бете Илин.
Светската унија на хармоникашите е организатор на најголемиот и најпрестижен светски натпревар за хармоника, „Купе мондијале“, кој секоја година се одржува во различна земја од светот. Овој натпревар претставува своевидна олимпијада за хармоника, а досега двапати наши претставници се вбројуваат во првите три места.

На Светскиот ден на хармониката одлучивте да сте во Македонија, како дел од програмата на здружението „Љубители на класична музика“-Скопје. Што најсилно ве привлече за физичко учество на овој свечен концерт во Скопје?
Во јануари 2008 година, македонското здружение беше домаќин и организатор на зимскиот конгрес на Светската унија на хармоникашите, на кој присуствував, и тогаш првпат бев во вашата земја. Досега не сум свирел овде, а долго време посакував повторно да ги посетам Скопје и Македонија. Моето доаѓање беше планирано за мај 2019 година, но тогаш поради пандемијата моравме да го откажеме доаѓањето. За таа пригода, композиторката Бете Илин ми напиша едно дело во македонски стил, а јас бев фасциниран и предизвикан да интерпретирам ваква музика. Па, сега дојде времето!

Кои се вашите впечатоци, импресии од македонското творештво на овој инструмент? Како ги оценувате македонските изведувачи, македонската музика?
Одличната долгогодишна работа на Зорица Каракутовска е многу добро позната на меѓународно ниво. Во постојан контакт сме, а нејзините студенти редовно учествуваат на најпрестижниот натпревар за инструментот хармоника „Купе мондијале“, кој го организира Унијата. Јас го сакам македонскиот музички стил, гледам дека хармониката е многу присутна во народната музика и во многу различни стилови. Се надевам дека начинот на кој за нашиот инструмент твори Бете Илин ќе биде мотив повеќе композитори да почнат да пишуваат за хармоника.

Преку овој свечен концерт, каква порака упатувате до публиката?
Имам две пораки за споделување. Првата е дека сите треба да разбереме дека форматите „онлајн“, „видео“, „стриминг“ се важни за објавување, архивирање и документација на настаните, но тие не се уметност. Уметност е кога има музика, уметник и публика. Тој момент е секогаш уникатен, а ниеден запис не може да ги повтори емоциите и да ја замени интеракцијата со публиката на кој било начин. Затоа, голема благодарност за организацијата на настани, кои, дури и во тешки моменти, се одржуваат во живо. Втората порака е дека со сигурност живееме во многу тежок историски момент и сите имаме многу пријатели во земјите што доживуваат многу тешки времиња. Според моето мислење, мора да веруваме во уметноста и културата, особено во музиката, што е најдобар начин да станеме подобри луѓе и да ги подобриме нашите спокојство, емпатија и добрина. Мора да можеме да ги убедиме нашите политички лидери дека да имаш подобри личности значи да имаш подобри заедници.

Како претседател на Светската унија на хармоникашите, кои се вашите заложби?
Како претседател на Светската унија на хармоникашите (CIA), мојата позиција е важна да им помогнеме на сите земји-членки да комуницираат, соработуваат и да ги споделат своите култури и активности. Исто така, многу работам да вклучиме нови членови од што повеќе земји. Има земји каде што хармониката е многу популарна но без академско изучување на инструментот, а други каде што има класични хармоникаши на високо ниво, но инструментот е заборавен во фолк и поп-музиката. Нашата работа е да ги олесниме интеграциите во двете насоки.