Кон монографијата „75 години ДЛУМ“, автор Кирил Пенушлиски, фотографии Александар Кондев, Игор Василев, Скопје: Друштво на ликовните уметници на Македонија, 2021 г.

Седумдесет и пет години ДЛУМ

Едноставниот дизајн на корицата во ефектна темноцрвена боја, низ која слоевито се пресликуваат препознатливите четири букви од акронимот, е минималистичка контратежа на богатата содржина на монографијата посветена на 75-годишниот јубилеј на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Ова капитално монографско издание достоинствено го заокружува чествување на ДЛУМ по досега најголемата изложба на македонски автори изложени во два објекта на Националната галерија – „Чифте-амам“ и „Мала станица“, на која беа претставени слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации и таписерии од 292 уметници.
Соодветно на пригодата, изданието вклучува обраќања на покровителот, претседателот Стево Пендаровски, на двајца уметници што порано го воделе Друштвото – Коле Манев и Тања Балаќ, како и на актуелниот претседател Филип Фидановски, кои нè потсетуваат на потребата од раѓањето, развојот и опстојувањето на ДЛУМ, предностите на ваквото еснафско здружение и предизвиците што биле исправени пред него низ годините. Притоа, Балаќ со право ќе укаже дека кога говориме за ДЛУМ, всушност, говориме за ликовниот живот во земјата, и тоа не само во смисла на „создавање на современата естетика туку и поради фактот што во своите дела тие рефлектираат многубројни општествени проблеми и состојби“ (Балаќ 2021: 8), додека Фидановски го истакнува неговото „специфично и незаменливо место на македонската културна сцена“ (Фидановски 2021: 11).

Особена вредност на изданието е истражувачкиот потфат на д-р Кирил Пенушлиски, автор на монографијата, како уште еден значаен влог во македонската историја на уметноста. Пенушлиски тврди дека „без постоењето на ДЛУМ не би можел да се замисли културниот идентитет на Република Македонија“ (Пенушлиски 2021: 12) и истото го докажува во својата опсежна студија, во која ги расветлува генезата и развојниот пат на Друштвото, со посебен акцент на првите години како најмалку познат и најмалку истражуван период. Во недостиг од зачувани документи, авторот користи секундарни извори (како првото споменување на Друштвото во „Нова Македонија“ од 1944 година) и сведоштва на некои од основачите, меѓу кои Здравко Блажиќ. Во целиот тој општествено-културен контекст, особено се издвојува името на Никола Мартиноски, како единствен професионален сликар што работел во Македонија во предвоениот период. Во 1938 година за првпат се говори за македонско сликарство во медиумите и за „првпат јасно и недвосмислено е определена огромната и незаменлива улога што ја има Никола Мартиноски во развојот на македонската уметност. Кога на ова ќе ја додадеме и врската на Мартиноски со единственото, во тој момент веќе згаснато, еснафско ликовно здружение, како и неговата желба за отворање уметничко училиште во Македонија, станува јасно зошто тој бил повикан да учествува во формирањето на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, во ноември 1944 година и зошто потоа бил избран за негов прв претседател.“ (Пенушлиски 2021: 22)
Истакнувајќи ги групата на уметници од основоположничката генерација што веќе имала изграден ликовен израз, го трасирала развојот на модерната уметност во Македонија и била признаена и докажана во македонското општество, Пенушлиски ги елаборира и научно ги поткрепува развојните етапи не само во ликовниот живот на ослободена Македонија по 1945 година туку и во почетните активности и работа на ДЛУМ. Во продолжение тој ја следи работата на Друштвото преку годишните изложби, каде што од прикажаните листи на учесници дознаваме за појавувањето на нови генерации уметници на македонската ликовна сцена.

Прецизно, по периоди, Пенушлиски ги забележува сите личности што придонесуваат во работата на Друштвото, особено кога тоа почнува да организира и други настани и да ги доделува своите традиционални награди. Следејќи ја хронолошката низа, авторот стигнува до актуелниот миг и предизвиците со кои се соочува ДЛУМ денес, првенствено немањето на свој изложбен простор, но и фактот дека ДЛУМ никогаш не прераснало во професионална, самоодржлива организација. Сепак, значаен е заклучокот дека „ДЛУМ е еснафско здружение со најголем стаж во Република Македонија и организација што е нераскинливо поврзана со развојот на модерната и современата ликовна уметност во нашата држава. Преку работата на ДЛУМ, особено преку изложбената активност на Друштвото може да се следи развојот на визуелната култура на македонскиот народ во Република Македонија.“ (Пенушлиски 2021: 62)
Велат дека пишувањето монографија е благороден потфат, а во овој потфат Пенушлиски успеал да направи насочено, стручно и темелно проучување на македонската ликовна сцена низ децениите во поширок социјален и културен контекст и да ни понуди увид во димензиите зад уметничките дела и биографиите на индивидуите што ги создаваат, а фокусиран на процесите и уметничките феномени што го разоткриваат нашето чувство за посебност во визуелните уметности. Дополнително, студијата е опремена со голем број релевантни документи, фотографии и други додатоци потребни за монографија од ваков формат, која претендира да направи ретроспектива на знаењето за сите досегашни активности на Друштвото.
Монографијата за ДЛУМ илустративно покажува дека уметноста навистина е душата на една култура. Ако Алберто Џакомети нѐ учеше дека „целта на уметноста не е да ја репродуцира реалноста, туку да создаде реалност со ист интензитет“, оваа книга нѐ учи за интензитетот и третманот на визуелната реалност во нашата земја и го потврдува значењето на ДЛУМ како еден од стожерите на македонската култура во изминатиот 75-годишен период.

Ана Мартиноска